Шахпаска: Слепите лица за првпат добиваат аудио читач кој им обезбедува независност во секојдневието

Слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава наскоро ќе добијат апликација со која ќе им се овозможи пишаниот текст да го чујат во гласовна форма. Апликацијата ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и декстоп верзија, на македониски и на албански јазик. Таа треба да биде завршена за два месеци, а ќе можат да ја користат и лица со потешкотии во учењето, односно оние кои информациите најлесно ги разбираат кога се во говорна форма.

– Слепите лица и лицата со оштетен вид првпат ќе добијат функционална современа и соодветна алатка со која ќе им овозможи поголема независност во сите фери на општествениот живот. Пред шест месеци започна процесот на изработка на софтвер апликација за слепите лица и лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го чујат и разберат во аудио верзија. Апликацијата аудио читач ќе биде достапна во мобилна и десктоп верзија. Ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе се изразува со природен глас. Оваа апликација е голем исчекор напред затоа што во моментов тие слушаа роботски глас кој е несоодветен и нецелосно разбирлив, рече на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Jагода Шахпаска.

Таа нагласи дека апликацијата ќе биде бесплата и достапна за сите на македонски и на албански јазик и лесно. Покрај слепите лица, додаде министерката, апликацијата ќе можат да ја користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија кои информациите најдобро ги разбираат во аудио форма.

– Овие лица имаат право за непречена комуникација слободно изразување и слободен пристап до се што ги опкружува. Оваа апликација го овозможува токму тоа – непречна комуникација, непречено движење целосно вклучување во општеството. Целосно ќе го промени начинот и квалитетот на живот на слепите лица и на лицата со оштетен вид, рече Шахпаска.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН Нарине Сахакјан на прес-конференцијата истакна дека членот 9 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост посочува оти од суштинска важност за овие лица е пристапот до информациско-комуникациските технологии, како едно од основните човекови права.

– Преку нив ќе се оствари и правото на образование, вработување, пристап до информации… Затоа сме многу среќни што сме вклучени во изнаоѓање на вакво решение кое текстот ќе го претвора во говор и со кое ќе се подобри дигиталната пристапност на лицата со попречен вид. Апликацијата ќе биде лесна и едноставна за користење, на неа ќе може да се праќа електронска пошта, да се слушаат аудио книги, рече Сахакјан.

За слепите лица и лицата со оштетен вид ова е голем чекор напред во нивното осамостојување и остранување на пречките со кои досега се соочувале.

– Со говорната синтеза многу се подобрува и се олеснува секојдневниот живот на слепите лица во домот, при движењето, при учењето, за вработување, да може да си ги завршуваме сите работни обврски без никакви проблеми да да можат да остваруваат свои приходи, рече претседателот на Националниот сојуз на слепи, Жарко Селковски.

Со ова дигитално помагало, додаде, ќе бидеме посамостојни во работа и со телефонот и со компјутерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот