Шахпаска: Се пријавуваат само 15 проценти од случаите на семејно насилство

Семејно насилство
Илустрација: Семејно насилство / Фото: МИА

Бројот на случаи на семејно насилство што се пријавува во земјава е околу 15 проценти од реалната бројка. Тоа, најчесто, се должи на економската немоќ на жртвата поради која е принудена да молчи или ако се осмели да пријави, повторно да се врати кај оној што го извршил насилството.

Во случај, пак, на пријава надлежните институции се соочуваат со голем број на проблеми и на предизвици како што се недостаток на докази или повлекување на пријавата од жртвата или пак пријавување на дела кои или се застарени или поради тоа што се случило во минатото не е можно да се докажат. За подобро сузбивање на оваа појава, меѓу другото, потребно е заострување на казните, размислување за квалификација на семејното насилство како посебно кривично дело и тоа да се гони по службена должност.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната завршна конференција за промоција на финална анализа во рамки на проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза”, во чии рамки биле спроведени повеќе активности, меѓу кои мониторинг на судски постапки од област на семејно насилство и криминал од омраза, увид во правосилни судски предмети од област на семејно насилство, анонимизирање на правосилни судски пресуди во Основниот кривичен суд во Скопје.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која учествуваше на конференцијата, истакна дека насилството во семејството претставува еден од најсериозните проблеми на денешницата и затоа, како што рече, кон негово решавање се пристапува енергично, темелно и одлучно. Таа потенцира дека многу од предизвиците на кои се упатува ќе бидат надминати со примена на новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој е во финална фаза во собраниска процедура. Апелираше на поголема свесност за овој проблем и пријавување, бидејќи, како што рече, само 15 проценти од случаите се пријавуваат.

– Со новиот закон се регулира постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртви на семејно насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, мерките за превенција од родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, собирање на податоци за родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, како и брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето итни и на привремени мерки за заштита, рече таа.
Министерката додаде дека жртвите се ослободени од трошоци во текот на судската постапка и имаат право на тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од надлежните институции.
За јавните обвинители, како дел од судската постапка, проблем во водењето на случаите е повлекувањето на предлогот за гонење, немањето на материјални докази поради што треба да се одлучува во случај на два исказа на инволвираните страни, но и задоцнетото пријавување на случаите.
Исто така, рече јавната обвинителка Лидија Ракчевиќ Вучкова, има честа промена на искази, особено на децата кои како сведоци се доведени во состојба да сведочат против своите најблиски. Затоа, смета таа, со цел јавниот обвинител да може подобро да ја води постапката е потребно да се обезбеди стручна поддршка и во истражните одделенија да има и психолози.
Судијката во Основниот кривичен суд во Скопје, Билјана Коцевска смета дека голем проблем во пристапот до правата е што овие случаи се гонат на предлог на жртвата. Со тоа смета таа голем број на случаи остануваат нерешени и затоа вели дека е добро да се размисли ова да биде засебно кривично дело, кое ќе се гони по службена должност. Според неа, потребно е заострување и на казнената политика.
Коцевска вели дека е потребна и работа и со жртвата и со насилникот за нивна целосна ресоцијализација, но, како што истакна потребно е тие да бидат и заштитени, односно да не се дозволи со медиумиски информации во јавноста жртвите да бидат ревиктимизирани или насилниците однапред осудени.
Адвокатката Марта Гусар, меѓу другото, посочи дека е неопходно во сите постапки пред надлежните органи да бидат испочитувани предвидените рокови. Инаку, потенцира таа, не можеме да зборуваме за некаква заштита на жртвата по две години од насилството. Тука, додава, може да зборуваме за фемицид кој може да се случи ако насилството толкав период остане неказнето или пиради тоа што жртвата се одлучила да го пријави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот