Шахпаска: Преку инвестиции во инфраструктурата, инвестираме во економијата и во иднината

Преку инвестиции во инфраструктурата, инвестираме во економијата, во иднината на државата, рече денеска во Делчево носителката на листа во ИЕ 3 од коалицијата „Можеме”, Јагода Шахпаска.

Изминатите три години, нагласи Шахпаска, Владата покажа како се работи домаќински, одговорно и отчетно и како се гради плански на територијата на целата држава.

-Инфраструктурата претставува крвоток на економијата и оттука секоја инвестиција во неа е инвестиција во економијата, во државата, за сегашните и идните генерации. Ниту кризата со коронавирусот не ја запре градежната офанзива низ секој дел од државата. Градиме за сите и во услови на вонредни околности, градиме инфраструктура во новата нормалност. Градиме 260 километри автопат, 300 километри експресни патишта о 900 километри локални патишта. Рехабилитираме повеќе од 1500 километри постоечки патишта, рече Шахпаска од Делчево, напоменувајки дека Источниот регион го доби првиот автопат Миладиновци – Штип и експресните патишта Штип-Радовиш, Штип – Кочани и Штип Ранковце, а истовремено како што додаде се рехабилитирани и постоечките патишта Штип – Радовиш, Крупиште – Пробиштип, Кочани – М.Каменица и Делчево – граничен премин со Бугарија, посочи Шахпаска.

Според неа, земјава лани и годинава реализира 80 отсто од примарната и секундарната гасификација, проект што се одолговлекуваше речиси 20 години. И во услови на коронакриза, интензивно се работи и на локалната инфраструтура, на изградба на дополнителни 500 километри водоводи и канализации вредни 100 милиони евра.

-За време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, Делчево беше заборавено, без ниту еден проект и долг од 240 милиони денари. Денес Делчево не е повеќе изолирана општина, се инвестира се гради, се подобруваат условите за живот на делчевци. По изградбата на регионалните патишта Делчево – Кочани, транзитниот булевар низ Делчево, правците Делчево – Ѕвегор, Делчево – Пехчево и Делчево – Виница, градот доби патна инфратсруктура за пример, потенцираше Шахпаска од Делчево.

Владата предводена од СДСМ, додаде, останува фокусирана на изградба на модерна, брза ефикасна инфраструктура за побрз и поефикасен транспорт низ целата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот