Шахпаска: Од суштинско значење е инвестирањето во силни системи за безбедност и здравје при работа

Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика

Од суштинско значење е постојано да се инвестира во силни, прилагодливи системи за безбедност и здравје при работа кои ќе можат да одговорат на моменталните, но и на идните евентуални ризици, опасности и предизвици по здравјето и безбедноста на работните места, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на онлајн настанот што Министерството за труд и социјална политика го организираше по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Во обраќањето, Шахпаска нагласи дека живееме во мошне тешко и комплицирано време во кое се соочуваме со сериозна опасност по здравјето, а работниците и работодавачите се исправени пред огромни и неочекувани предизвици.

– Сведоци сме дека сите работници, работодавачи, бизниси, сектори, институции итн., се на различни начини силно погодени од оваа здравствена криза, како и од неопходните мерки кои се преземаат за спречување на ширењето на заразата. А опасноста и превенцијата од зараза на работниците доведоа до голем број на промени во начинот на работа и одвивањето на работата во претпријатијата, поинтензивно употреба на работа од дома, работа од далечина, смени, ротации на вработени итн, истакна Шахпаска.

Посочи дека постојат категории на работници кои за време на пандемијата постојано се во „првите редови”.

– Тоа се пред сè нашите здравствени работници, но и вработените во маркетите, шалтерските работници, работниците кои работат на обезбедувањето на комунални и други суштествени услуги, работниците кои работат на места со зголемена концентрација и фреквенција на луѓе, инспекторите кои секојдневно работат на терен, полицијата итн, рече Шахпаска.

Одбележувањето на 28 април како Светски ден на безбедноста и здравјето при работа, според Шахпаска, треба да поттикне заедничка акција за подигнување на јавната свест за безбедни работни места.

Изрази убедување дека од оваа исцрпувачка и долготрајна битка сите ќе излеземе посилни, со повисока свест и научени лекции заеднички да работиме уште повеќе и поодговорно во насока на обезбедување на безбедна и здрава работна средина за работниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот