Шахпаска на средба со Сојузот на здруженија на пензионери: Продолжуваме со грижата за највозрасната категорија на граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска оствари средба со претставници на Сојузот на здруженија на пензионери.

– На средбата се разговараше за потребите и предизвиците со кои се соочуваат пензионерите, при што беше истакнато дека Министерството за труд и социјална политика, како ресорно Министерство на кое во фокусот на своето работење е грижата за ранливите категории на лица, вклучително и највозрасната популација, пензионерите, сериозно пристапува кон изнаоѓање на најдобри решенија кои се во нивен интерес, стои во соопштението од Министерството.

Од таму информираат дека од страна на претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери бил поздравен досегашниот позитивен однос кон највозрасната категорија граѓани во државата, во насока на редовно и предвремено исплаќање на пензиите, како и опфаќањето на дел од пензионерите со четвртиот пакет мерки и помошта која им беше доделена на оние со пензии до 15 000 денари.

Министерката Шахпаска информирала за преземените конкретни активности во насока на подобрување на социјалните сервиси за заштита и помош на пензионерите, за што, како што подвлече, има одлична соработка со локалните единици во земјата.

– Преку процесот на децентрализација на социјалните услуги и склучување на договори со 19 општини ја обезбедуваме услугата помош во домот за највозрасната категорија на граѓани. Притоа, како даватели на услуги ги ангажираме најтешко вработливите и на овој начин ги активираме на пазарот на труд. Оваа социјална услуга е бесплатна за корисниците, а ангажираните лица ги плаќа општината. Преку овој пристап, овозможуваме старите лица да останат во својата средина каде што се чувствуваат најпријатно, а сепак да ја добиваат помошта која им е потребна, истакнува Шахпаска.

Во однос на прашањето околу зголемување на капацитетите за сместување на возрасни лица и пензионери, министерката соопштила дека во моментов се работи на проширување на капацитетот на Домот за стари лица во Берово и во тек е пренамена и проширување на уште еден објект за Дом за стари лица во Пробиштип.

Соговорниците изразиле задоволство од денешната средба и подготвеност за идна соработка за сите прашања кои се однесуваат на потребите на пензионерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот