Шахпаска – Дервишагич: Интензивно работиме на јакнење на капацитетите на ромската заедница

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната средба со оперативната директорка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагич разговараше за процесот на реализација на втората фаза на Програмата РОМАКТЕД, чија цел е да обезбеди поголема интеграција на ромското население во локалните заедници, преку учество во креирањето на локалните политики.

Оваа програма почна да се реализира на почетокот на годинава, а ќе трае до крајот на 2024 година.

Според Шахпаска, иако нашата држава во рамките на регионот, важи за држава која има направено најголем исчекор во спроведување на успешни политики за поголема интеграција на Ромите во делот на интеграцијата, вработувањето, социјалното домување, предучилишното образование, сепак има уште многу да се работи.

– Затоа, оваа поддршка што ја добиваме преку нашите партнери Советот на Европа и Европската Унија за нас е многу значајна. Интеграција на ромското население во локалните заедници преку учество во креирањето на локалните политики е наша основна цел, нагласи министерката Шахпаска.

Таа додаде дека зајакнувањето на ромската заедница на индивидуално ниво, како и на ниво на заедница, подобрување на капацитетите и на знаењето, како и подобрување на квалитетот на живеењето и ублажување на ефектите од пандемијата со ковид-19, се процеси кои се од суштинско значење, доколку сакаме реален напредок на ова поле.

Оперативната директорка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје Лејла Дервишагич оцени дека нашата држава во изминатиот период покажала силна посветеност во реализација на проекти кои значат директна поддршка за ромското население.

– Многу е важно да има блиска соработка меѓу градоначалниците и локалната администрација на општините каде ќе се спроведува овој проект. Бидејќи имаме општини кои покажале силна посветеност и на тој начин постигнале поголема интеграција на ромското население, тие општини треба да бидат пример за другите локални единици, оцени Дервишагич.

Програмата, која е поддржана од нашите меѓународни партнери Совет на Европа и Европската Унија ќе се имплементира во Општините Берово, Битола, Делчево, Дебар, Гостивар, Кичево, Крива Паланка, Кочани, Штип, Шуто Оризари, Виница, Велес, Струмица, Тетово и Прилеп.

Во таа насока, министерката Шахпаска изрази уверување дека градоначалниците и локалната администрација ќе покажат силна посветеност во реализацијата на Програмата РОМАКТЕД, која се очекува да даде позитивни резултати за ромското население.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот