Шахпаска: Буџетот за 2021 година е насочен кон намалување на невработеноста и намалување на сиромаштијата

Фото: Слободен печат

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на гостувањето во емисијата „Економски магазин” на телевизија Алсат зборуваше за сите актуелни прашања кои ги засегаат граѓаните, а се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

На прашањето за новото законско решение за недела – неработен ден, министерката Шахпаска посочи дека, како Министерство за труд и социјална политика задолжено за изготвување на новото законско решение е во координација со сите министерства и сите субјекти во општеството околу носењето на решение кое што ќе биде издржано и во интерес на целото општество.

„Измените на Законот за работни односи кој што е во ингеренции на МТСП конкретно во членот 134 го регулира неделниот одмор кој што треба да трае 24 часа непрекинато и по правило тоа е недела или пак некој друг ден од седмицата, како дел од важечкото законско решение, а во моментов ние работиме на овој дел,” рече Шахпаска.

Таа истакна дека формирана е работна група во која се вклучени пред се министерствата за економија, транспорт и врски, информатичко општество и министерството за култура. Но исто така секојдневна комуникација и дискусија се води и со претставници на синдикатите, на работодавачите, коморите.

„Нашата идеја е недела-неработен ден, а исклучоци треба да има. Тоа се здравството, безбедносните сили, полицијата, против пожарната служба, тешката индустрија и сите дејности кои се од витално значење за општеството,” истакна Шахпаска.

За измената во Законот за работни односи, кој што ги регулира договорите за работа, министерката појасни дека договорот за работа завршува со навршени 64 години старост и 15 години стаж доколку со друг закон не е поинаку решено, со исклучоци во оние дејности каде што има недостаток на кадар и каде што одењето во пензија би го загрозило функционирањето, тоа би било во здравството и високото образование. Притоа проценката ја прави менаџерот, директорот, раководителот, согласно потребите додека не се најде кадар кој што би го заменил дотогашниот.

-Суштината на оваа реформа е да отвориме простор, младите да ги вклучиме во работен однос-истакна Шахпаска.

Од четвртиот пакет мерки тежок 470 милиони евра, 27 милиони евра одат за финансиска поддршка од 6000 денари за ранливите категории граѓани од нив 182.000 пензионери со пензија под 15.000 денари, 84.000 пасивни баратели на работа, 8100 приматели на државна социјална пензија и 5700 самохрани родители.

Во однос на Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2021 година, тежок 50 милијарди денари, министерката информираше дека средствата главно се насочени кон продолжување на социјалната реформа, грижата за најмладите, намалување на невработеноста и намалување на сиромаштијата.

-Сите социјални права и во услови на пандемија продолжуваат непречено да течат и не само тоа, туку го олеснивме пристапот на граѓаните до гарантираната минимална помош, до детски и образовен додаток. 12 милијарди денари одат за социјалната реформа, 2 милијарди одат за Оперативниот план за мерки за вработување, процесот на изградба на градинки продолжува, само до крајот на годинава обезбедуваме простор за нови 500 деца-истакна Шахпаска.

На тема сиромаштија и предизвиците кои таа ги носи, министерката појасни дека темелот на социјалната реформа не е да се генерира сиромаштија, туку да вади од сиромаштија преку воведувањето на Гарантирана минимална помош, воведување на новиот концепт кејс-менаџмент на семејствата од социјален ризик.

На овој начин, во соработка со Агенцијата за вработување и мерките како обука, преквалификација и доквалификација придонесуваме во нивно активно вклучување на пазарот на трудот.

Таа на крајот ги повика граѓаните сите кои имаат потреба од помош и поддршка, да аплицираат со цел да влезат во системот за гарантирана минимална помош чиј пристап сега е олеснет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот