Шахпаска: 38 деца со интелектуална попреченост ќе добиваат нега и рехабилитација во новиот центар во Липково

Фото: Архива

Во новоизградениот специјализиран Дневен центар во с. Оризаре, 38 деца со интелектуална попреченост од општината Липково, ќе бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. Подготовката ќе ја врши стручен тим составен од рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.

Целта на предвидената индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост, е од најмали нозе, тие да се стекнат и да ги развиваат вештините за секојдневниот живот. Децата ќе ги учат навиките за исхрана, хигиена и за одржување на сопственото здравје но ќе ги стекнуваат и воспитните, социјални, културни и рекреативни активности. Во Центарот ќе бидат организирани и советувања и работилници за помош на родителите на овие деца.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, рече дека преку Дневниот центар и најмалите, реално ќе ги почувствуваат социјалните реформи што ги презема Владата.

„Целта на социјалната реформа е да се приближат социјалните услуги до корисниците, до граѓаните. Да се зголеми опфатот на граѓаните кои влегуваат во системот на социјална заштита, да се подобри квалитетот на социјалните услуги, а со тоа се подобри и нивниот живот. Дополнително да се намали невработеноста и да се подобри животниот стандард на сите граѓани”, рече министерката Шахпаска.

Таа изрази задоволство што Општина Липково добива нов Дневен центар за деца со попреченост со капацитет за 38 деца со попреченост на возраст од 2 до 14 годишна возраст. Суштината на ваквите реформи, посочи таа е да се поддржат ранливите категории, во случајот децата со попреченост”,рече министерката Шахпаска.

Mинистерката Шахпаска денеска на здружението Имаго плус, им ја предаде дозволата за вршење дејност од социјална заштита за услугата нега на деца со попреченост.

Градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи рече дека како локална заедница сме горди што ја преземаме одговорноста за грижата за децата со попреченост од нашата општина.

„Тие и нивните родители отсега нема да мораат да патуваат до градовите за да ја добијат неопходната нега. Дополнително, ние најдобро ги познаваме специфичните проблеми со кои се соочуваат овие семејства, па верувам дека помошта што ќе ја добиваат во новиот Дневен центар во Оризаре ќе биде уште поквалитетна од таа што им беше достапна досега”, рече градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.

 

Видео на денот