Шахот и политиката

арбен таравари
Фото: Фејсбук

Голем љубител сум на шахот и неговата филозофија. Тоа е чесна игра. Едната страна е црна, другата бела. Во политиката е малку поинаку. Таму веќе се влегува и во зоната на „сивото“. Шахот не е политика, ама тоа не значи дека за неговата стратегија не може или не треба да се размисли и во политиката.

Најмладиот светски шампион во шах, Гари Каспаров, своевремено опиша неколку главни принципи во играњето шах: да се балансира калкулацијата со имагинацијата и да се користат силните страни за да се зголеми предноста. Ама и да се постават вистинските прашања за да се стесни фокусот.

Во политиката, честопати се наоѓаме во ситуација, прашањата уште од почеток да не ги поставиме како што треба. Па, така, како последица на тоа, ни се случува за поважни прашања за државата да направиме непринципиелни компромиси, за кои се служиме со разно-разни објаснувања. Нека е тука и објаснувањето за потребата од двотретинско мнозинство. За што и да е. Не дека ова не е пракса што ја нема и во други европски држави. И тука има добра логика. За (не)успехот на одредена иницијатива, одговорноста подеднакво се споделува меѓу политичките ривали.

Кога професионалец игра шах, тој или таа, главно се фокусираат на она што го размислува опонентот. Тоа го прават поради еден, едноставен, факт. Секој потег, во даден момент, може да ги определи предностите или недостатоците во некоја подоцнежна фаза. Како и да земеш, во шахот се игра со морал, а во политиката, како што знаете, ништо не е морално или неморално.

Но, она што е многу неморално, недозволиво и неоправдано во политиката е играње компромис на сметка на правдата. Компромис со кој се аминуваат криминалци, компромис со кој за судбината на државата и граѓаните одлучуваат клептомани, патолошки лажговци, криминалци, организатори на терористички дејанија, и што ли уште не. Па, така им се дава ветер во плеќи и тие стануваат фактори во политиката.

Во шахот играчите си ги менуваат улогите, во политиката главна улога имаат „играчите“. Е, баш тие играчи го заведуваат народот и му подметнуваат ликови кои најмалку од сѐ заслужуваат да „играат“ во политиката. Затоа што станува збор за ликови кои играат нечесни и нечисти игри. За да биде парадоксот уште поголем, кампањски се работи на промовирањето такви ликови, но и за нивно задржување во политиката, до степен што таквите ликови се третираат како спасители, како некој што ќе го зачува образот на нивниот конструкт, таканаречена партија.

И каде се тука основните стандарди на демократско владеење, за кои што упорно нѐ потсетуваат многумина добронамерни странски пријатели? Каде е конструктивниот политички дијалог меѓу Владата и опозицијата? Дијалогот кој, и покрај сите политички разлики, е неопходен за соодветно функционирање на парламентарната демократија? Ние имаме партии „тезгароши“ со „алашвериш“ методи на дејствување.  Каде е тука балансот на калкулацијата со имагинацијата? Патолошката имагинција на овие изроди во политиката работи на десетка. И што има тука да се калкулира?!? Луѓе мои, не знаеме што правиме, немаме план, не калкулираме како што треба.  Границата меѓу бесмислените и бескомпромисни потези и она што е правилно во политиката одамна е засенета.

А во меѓувреме, додека светот постојано се менува, полека ни станува јасно дека треба да се смениме и ние. Да кажеме стоп на ова статус-кво, па дури и на нашите долгогодишни уверувања. Да бидеме подготвени да ја замислиме иднината, иднина во која ќе се заборави на правењето компромиси со мозоците на одредени режими, со оние чија имагинација нѐ одведе кон дното. Затоа што компромис со изроди и криминалци нема.

Ни треба да знаеме каде одиме. Ни треба многу повеќе од корисна стратегија со која ќе решиме што ни треба.

Во шахот, елементите на една добра стратегија се правењето храбри потези, искористувањето на шансите, но и флексибилноста во играњето на својата улога. Не е ова, можеби, сигурна формула за успех, но тоа се неколку основни идеи што лесно се занемаруваат.

Само таквата пресметка ќе нѐ води напред. Зашто, знаете, никој не добил партија шах со откажување. Шахот е, всушност, и битка против грешките.

 

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот