Шахистите на Алкалоид го победија клубот на светскиот шампион Карлсен
Во петтото коло од Европскиот Клупски Куп кој се одржува во Струга, македонскиот шаховски клуб „Алкалоид“ се сретна со норвешката екипа на Оферспил, за која што на првата табла настапува светскиот мампион, велемајсторот Магнус Карлсен.
Мечот заврши со победа за Алкалоид од 5,5 – 0,5. Единствен кој успеа да спаси реми, по четири часовна борба беше токму Карлсен, кој водејќи ги црните фигури во партијата со ВМ Шахријар Мамедјаров, одигра сомнително продолжение во Кралево-индиска одбрана и многу рано се најде во послаба позиција, па скоро цела партија се бореше да не изгуби.
До израз дојде неговото големо шаховско знаење и борбеност, па не му дозволи на ШК Алкалоид да слави перфектна победа.
На втората табла ВМ Даниил Дубов, се чини, без многу напор го надигра ВМ Ариан Тари. Првата победа за Алкалоид ја донесе ВМ Јуриј Криворучко кој со белите фигури го изненади својот силен противник во отворањето и се здоби со опасен напад врз противничкиот крал, противникот капитулираше во 27 потег.
На четвртата табла ВМ Инаркиев Ернесто победи со црни фигури против норвешкиот репрезентативец ВМ Фроде Уркедал. Перфектниот руски велемајстор, одигра уште една одлична партија и по пет одиграни кола има исто толку освоени поени. До овој момент Инаркиев игра со перформанс од импресивни 3259 поени.
Следниот поен за ШК Алкалоид стигна од шестата табла каде што македонскиот репрезентативец Филип Панчевски во остра позиција најпрво го неутрализираше нападот на противникот, а потоа спроведе решавачки контра напад. На петтата табла младиот руски велемајстор Александр Предке, позиционо без никаков ризик го надигра и победи својот послаб противник.
По пет одиграни кола ШК Алкалоид има осум освоени бодови и се наоѓа на делба на четвртото место со осум поени, зад водечките три екипи Медњи Всадник (Русија), чешкиот АВЕ Нови Бор (Чешка) и Сила-Валенсија (Шпанија) со по девет поени. Во шестото коло Алкалоид денеска ќе игра дерби меч против екипата на АВЕ Нови Бор од Чешка која е трет носител на турнирот.
Шахистките на Алкалоид одиграа одличен меч со еден од фаворитите на турнирот, „GRECO Kyiv Chess Federation“, која во составот ги има поранешната Светска првенка Ана Музичук, нејзината сестра Марија Музичук, предизвикувачка на светската првенка. По несреќниот превид и пораз на Екатерина Аталик, и реми во петтиот час на играта на останатите три табли, го загубија мечот со минимален резултат 1,5:2,5.