Сезонците подготвуваат документи за Хрватска, идните студенти за Словенија

сплит
Сплит / Фото: Архива на Слободен печат

Подолг период има наплив на барања за преводи на дипломи и уверенија за неосудуваност за сезонска работа во Хрватска. Многу средношколци, пак, сакаат да студираат во Словенија, затоа и за таму се бараат преводи на свидетелствата, велат во едно преведувачко биро во Скопје

Преводи на дипломи за завршено образование и уверенија за неосудуваност деновиве масовно се бараат од преведувачките бироа од македонските граѓани што се подготвуваат да заминат на сезонска работа во Хрватска. На второ место, брифираат преведувачите, се документите за студии во Словенија. Ако до пред една година, турбо се работеа документите за работа во Германија, сега тие се помалку атрактивни, а речиси и да нема преводи на документи за сезонска работа во Грција, иако и на нашиот јужен сосед му се потребни многу работници во туризмот.

– Доколку документот е наменет за употреба во земја потписничка на Хашката конвенција за легализација, доволно е тој да биде заверен со „апостил печат на судот“. На тој начин се потврдува неговата валидност и може да се употребува пред институциите во соодветната земја. Една страница превод во Скопје чини од 300 до 350 денари, додека во внатрешноста каде што има помала конкуренција меѓу преведувачите, таа чини и 600 денари. Веќе подолг период има наплив на барања за преводи на дипломи и уверенија за неосудуваност за сезонска работа во Хрватска. Многу средношколци, пак, сакаат да студираат во Словенија, затоа и за таму се бараат преводи на свидетелствата – велат во едно преведувачко биро во Скопје.

Високата плата, легалната работа, евидентираниот работен стаж, здравственото и пензиско осигурување, платена прекувремена работа, се главните мотиви за прифаќање на сезонската работа, велат граѓаните. Кон средината на април ќе останеме без работници, прогнозира угостителот Здравко Јосифовски за „Слободен печат“. Тој додава дека во изминатиот период повеќе агенции во Скопје, вршеле регрутација за сезонска работа во Хрватска, каде што се бараат келнери, готвачи, собарки и хигиеничарки.

– Домашниот угостителски сектор останува без работници, државата мора да преземе некакви мерки. И кај нас почнува летната сезона, се отвораат хотелите, летните бавчи, а немаме соодветен кадар. Кој ќе ги служи туристите? Дел од угостителските објекти се затвораат само поради фактот дека немаат кадар или преминуваат на самопослужување – додава Јосифовски.

Според информациите што ги објави Индекс.хр. туристите во Хрватска полека пристигнуваат, а првиот голем бран се очекува во наредните денови поради претстојниот празник. Се проценува дека оваа сезона би можела да биде рекордна. Работодавачите бараат работници од сите области – готвачи, келнери, портири, рецепционери, шанкери, чистачки, а голем број од нив, судејќи според информациите на огласите, треба веднаш да почнат со работа. Во моментов на веб-страницата на хрватскиот Завод за вработување има 1.008 активни огласи за келнери и 795 за готвачи, од кои најголем дел се за во туристичката сезона. Што се однесува до платите, тие варираат од работодавач до работодавач. Сепак, најголем проблем се хотелските синџири, кои како конкуренција во понудата на повисоки плати им се наметнуваат на малите приватни претприемачи, пред сè на изнајмувачите на станови, кои нудат многу повисоки плати за работата на собарка. Платата на собарка во хотел е околу 730 евра и нормално е работничките да се незадоволни од неа, особено во оваа инфлација, вели Едуард Андриќ, претседател на Хрватскиот туристички сојуз. Хрватските угостители се жалат и дека сместувањето за работниците е прескапо, па се обидуваат да ангажираат локални работници, но нив ги има сè помалку.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот