Сезоната почнува: Има места за јуни, ама се резервира и за јули и септември

Грција лето / Фото: EPA-EFE/PANTELIS SAITAS

Туристичките работници се согласуваат дека оваа летна сезона ќе биде компликувана, но велат дека мора да се почне. Граѓаните кои имаа уплатено со претсезонски цени, треба да знаат дека од 20 јуни веќе важат сезонските цени.

Туристичките агенции имаат полни раце работа и велат дека граѓаните полека се ослободуваат и резервираат летување. Оние кои имаат лански депозити си доплатуваат, најчесто за Грција за да ги искористат ваучерите, а интерес има и за Турција. И за двете земји, освен доказите за вакцини и негативните ПЦР-тестови, потребна е електронска пријава, која агенциите за прават за сите оние кои ќе летуваат организирано. Оние кои, пак, кои ќе се решат за сопствен превоз, ќе мора сами да го сторат. Во дел од агенциите се уште има место за јунски одмор, особено во хотелите и апартманите, но веќе се прават резервации и за јули и август.

– Има интерес, граѓаните полека се будат и желни се да патуваат. Примаме резервации, а оние со лански депозити си доплаќаат. Веќе наполнивме 5 чартери за Турција, а во дел од студијата и хотелите во Грција, се уште има место. Нудиме и поевтини ПЦР-тестови за клиентите – велат за „Слободен печат“ од секторот за букинг во ТА „Савана“.

Дел од туристичките работници агенции, се согласуваат дека оваа летна сезона ќе биде малку покомпликувана од досегашните, но сепак велат дека мора да се почне, оти предолго биле затворени и не работеле.

– Сезоната ќе ја почнеме од 20 јуни, оти и нашите партнери од Грција досега не беа подготвени. Интерес има и речиси сите оние кои имаа лански уплати, сега само ги пререзервираа, но со минимална доплата. Граѓаните кои имаа уплатено со претсезонски цени, треба да знаат дека од 20 јуни веќе важат сезонските цени. Доколку некој не сака да патува во јуни, може да го смени ваучерот за септември. За оние кои ќе патуваат со наш превоз, ние ќе ги пријавуваме на официјалната страница на грчките власти, а оние кои одат со сопствен превоз ќе треба тоа сами да го направат. За деца до 6 години, мора да се вади ПЦР тест – вели за „Слободен печат“, Јана Манева, сопственичка на ТА „Сафари“. Инаку треба да се знае дека автобусите кои вршат организиран туристички превоз и натаму се со 75 процентна исполнетост на капацитетот , што е според важечките здравствени протоколи.

Граѓаните сакаат да патуваат и покрај сѐ, вели за „Слободен печат“, Дончо Нацев од „Арбо травел“.

– Проблемот со пријавувањето за Грција и Турција, го решаваме ние ако одат организирано преку нас. Има интерес кај граѓаните за летување во странство, а веќе нагостивме и странски туристи. Продолжуваме со промоција на нашата земја преку манастирскиот туризам. Граѓаните треба да знаат дека има промени кај цените, а тоа важи за сите дестинации, бидејќи помина долг период во кои имаше многу поскапувања. Од друга страна, не само граѓаните, туку и сите сместувачки капацитети се изложени на дополнителни трошоци за вадење на сертификатите за безбедно летување, што значи сигурност за туристите – додава Нацев. 

Граѓаните ги продаваат ланските ваучери, бидејќи не се вакцинирани

Иако со душа ги чекаа годинешните летни одмори, граѓаните се соочуваат со многу дилеми и прашања. Најважно од се е што огромен дел од оние кои имаат уплатени ваучери се уште не се вакцинирани, па ќе мора да вадат ПЦР-тестови, што им го надминува планираниот буџет. Како резултат на сето ова, на социјалните мрежи, масовно се продаваат лански уплатени аранжмани и тоа со попуст, за да не пропаднат парите, а граѓаните меѓу себе разменуваат информации што се им е потребно за да ја преминат границата.    

– Продавам ваучер од туристичка агенција во вредност од 16.500 денари, кој може да се користи во Грција и Црна Гора. Продавам ваучер од 5.700 за 4.700 денари. Продавам ваучер, платен 17.500 за 15.000 денари. Се продава ваучер за Грција, Албанија и Турција во вредност од 15.000 денари – се само некои од понудите на социјалните мрежи, на кои се оставаат контакт телефони и имиња…

Меѓу другото, граѓаните се интересираат и дали треба да се преведува потврдата од матичен лекар за две примени вакцини?

– Со ваучерите, целиот ризик го сносат клиентите. Доколку ПЦР-тестот е позитивен, уплатата пропаѓа, а клиентот прави трошок од минимум 8.000 денари за четиричлено семејство. На ваучерите рокот за користење им е до 31 декември годинава, доколку Владата не промени нешто. Агенциите што работат само Грција, велат дека ваучерите мора да се искористат кај нив, а ги немаат истите понуди од лани. Од друга страна парите ни се кај нив година и пол. Како да се искористи ваучерот – пишуваат граѓаните.

Десетици документи за домашните ваучери од 12.000 денари

Изјава заверена на нотар, извод од матична книга на родените и извод од банка, потврда од АВРМ за невработените членови на семејството, барање – ова се само дел од документите кои граѓаните со ниски примања треба да ги обезбедат за да аплицираат за ваков ваучер, објави ТВ Сител. Иако рокот за аплицирање е до 30 јуни, од Министерството за економија, засега не планираат да ја упростат постапката.

– Не можеме без процедури да делиме ваучери, зошто тоа се средства на сите граѓани во државата и на транспарентен начин треба да бидат искористени како средства од Буџетот – вели министерот Крешник Бектеши.

За туристички ваучер за домашно летување, не може да аплицираат домаќинства со двајца вработени со минимална плата затоа што ќе го надминат износот од 30 илјади денари. Годинава ваучерите ќе бидат во износ од 200 евра и ќе ги има само за 1.250 апликанти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот