Сезона на враните

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Минатото нѐ учи дека крупните политички фигури како да имаат премолчен договор „за неапсење“ кога ќе паднат од власт, дали поради политичките услуги што едни на други можат да си ги понудат, или поради големите пари со кои располагаат.

И тоа го дочекавме – Сашо Мијалков во Шутка! Ние, обичните смртници, како што нѐ викаат, немаме ништо од тоа што поранешниот „бог и батина“, шеф на тајната полиција, натоварен како брод, ќе чмае во некоја скапана или ВИП-ќелија, сеедно. Но, како општество и како држава, Македонија има многу причини да очекува долгорочни позитивни нус-ефекти од ваквиот крај на неговата кариера. Исто како што неговото евентуално бегство можеше да има уништувачки последици врз и онака исцедената доверба во правосудството и во политичките елити. По бегството на Груевски и никаквата одговорност за пропустите, уште едно бегство на осуденик од таков профил ќе беше премногу дури и за „СДСМ и за свети СДСМ“.

Сепак, бегството на Мијалков, и сите прашања и дилеми што тоа со право ги отвори, а кои не треба да се заборават, не смеат да го фрлат во сенка пресвртниот момент што му се случува на македонскиот правосуден систем – самите пресудите за случајот „Таргет-Тврдина“. Прво, поради профилот на Мијалков, а потоа и поради размерите на овој „кејс“.

Мијалков е веројатно најмоќниот и најбогатиот човек што во Македонија ќе заврши зад решетки. Тој успеа да акумулира невидена моќ и капитал благодарение на масовната злоупотреба на супермоќната функција и роднинската врска со поранешниот премиер Никола Груевски. Името на Мијалков долго време се спомнуваше со шепотење, беше недопирлив за медиумите, на секоја прозивка одговараше со тужби, а гласот првпат му се слушна во „бомбите“. Успешните фирми знаеја дека ако Мијалков им се намерачи, нема сила што може да ги спаси. Врв на цинизмот беше кога шефот на државната безбедност почна приватно да „продава“ безбедност преку своја агенција за обезбедување. Тој и таков Мијалков во Истражниот затвор во Скопје сега ја чека правосилноста на пресудата од 12 години затвор. Пораката е повеќе од моќна – моќта не е вечна!

Уште поважно е што Мијалков е осуден во случај на „злосторничко здружување“, а не како индивидуален престапник. Со „Таргет-Тврдина“ се докажува масовното прислушување на повеќе од 20.000 граѓани, извршено од разузнавачките служби, под раководство на Мијалков, во злосторничко „сослужение“ со тогашната министерка на полицијата и дузина високи функционери на МВР, УБК и други. За сите нив, вкупно 11, изречени се затворски казни од вкупно 55 години, и уште 10 години условни казни за поситните службеници.

Со оваа пресуда македонскиот правосуден систем, каков и да е, го премина својот Рубикон. На македонската „култура на неказнивост“, како што стручно ја нарекуваат, ѝ се гледа крајот. Минатото нѐ учи дека крупните политички фигури како да имаат премолчен договор „за неапсење“ кога ќе паднат од власт, дали поради политичките услуги што едни на други можат да си ги понудат, или поради големите пари со кои располагаат. Токму затоа во сите мерења на „перцепцијата“ за борбата со корупцијата од голема важност е колку високи функционери завршиле со судски пресуди. Колку поголеми и колку повеќе, толку поповолни оценки за државата.

За почеток се почнува со апсење на „туѓите“, кога веќе не се на власт, но ефектот е ист, зашто кога улогите ќе се сменат, туѓите ги апсат актуелните, кои исто така не одолеале на искушенијата на власта. Така меѓусебно се држат на нишан и корупцијата станува високоризичен спорт. Се разбира, вистинска борба со корупцијата е кога една власт ги гони своите валкани функционери, а не противничките, но и тоа е подобро од премолчаниот договор за неказнување по принципот „врана на врана око не колва“. Зашто, кога еднаш колвањето ќе почне, не запира тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот