Северна Македонија: Нов почеток

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Насловот на овој текст звучи како да е позајмен од некоја голема холивудска фимска франшиза – „Војна на ѕвездите“ прва ми паѓа на памет – но, симболиката е токму таква: Во тридеценискиот серијал од македонската демократска опстојба, можеби дури во последново продолжение доаѓаме до моментот во кој имаме право да бидеме, воздржано, оптимистички расположени!

Со официјалното прогласување на Стево Пендаровски за нов претседател на Република Северна Македонија се заокружува една исклучително напната и неизвесна, но победничка фаза од македонската државност, којашто започна на крајот од 2014 г., со самиот почеток на падот на Фамилијата од власт… Да не прераскажувам.

Од тука натаму, како стоиме?

Прво, во фер и демократски натпревар, го дoбивме Пендаровски за претседател. Да речеме дека тој целиот негов петгодишен мандат ќе го помине во ставот „стој на глава“ – па пак не може да биде полош од десетте години на претходникот, Иванов!

Потоа, имаме „пожолтена“ Влада чијшто натамошен успех ќе зависи исклучиво од нејзините напори. Ако се паметни и трудољубиви, имаат доволно време политички да се „рехабилитираат“ до следните парламентарни избори, со членството во НАТО в џеб, работејќи напорно врз европската интегративна агенда. Вклучително и оваа второкласна драма со неизвесноста за добивање на датумот за старт на преговорите со Унијата – како нашите реформи да зависат од кој било датум што веќе одамна не е пропуштен и од тоа дали Французите, конечно, ќе се завртат зад сопствениот задник за да видат дека светот постои и надвор од вртењето в круг околу Триумфалната капија во Париз.

Но, бидејќи во власта не се сосема паметни и трудољубиви, по обичај, процесот на рехабилитација ќе им биде „турни ме да кинисам“, па сепак ќе се одвива во вистинска насока, малку прва, малку рикверц. Сепак, дури и со таква брзина, тој ќе испорача и реформски и економски резултати какви што до сега во земјава не се посведочени, иако би можело и подобро. Тоа е, просто, инерцијата на евро-атлантската интеграција, во комбинација со државна администрација во/низ која нема да може да се краде како што сме навикнати. За половина да се намали крадењето во земјава од просекот во последните десетина години, економскиот раст самиот ќе се подигне за неколку проценти годишно и ништо друго да не се сработи.

На тоа ќе се надоврзе регионалната позиција на државава, којашто ќе добие баланс помеѓу центрифугалните и центрипеталните сили на привлекување на политичка и безбедносна стабилност, зголемена трговска размена со сите соседи, како и раст на инвестициите. Ова е, речиси, неизбежно. Мир дома, мир во светот.

Што нè доведува до опозицијата… Под команда на Груевски, сега таму ќе отпочне процес на сеопшто внатрепартиско обединување на сите груевисти кои, заради различни околности, во последните две години спасуваа глава кој како знаеше и умее. Откога ќе се помират и ќе се обединат околу намесникот на Груевски, со обновен ентузијазам ќе се подготват за нов изборен пораз, бидејќи со таа политика и со тие кадри и по следните избори ќе си останат во „јака“ опозиција. Е, дури потоа, ќе се најде некој таму што ќе каже „Доста е!“. Но, за тоа, потоа.

Тоа се крупните трендови што нè очекуваат. Другото се дневните дребулии на вревата од македонското општествено-политичко секојдневие. Ако до сега не се навикнавте, ви нема помош.

Ете ви една оптимистичка прогноза за новата сезона на серијата Република Северна Македонија: Нов почеток! Заслуживте.

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот