Северна Кореја и Јужна Македонија!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Бидејќи губам надеж дека работите ќе се сменат во наша полза (по „јужнокорејски“) и дека ќе останеме за век и векови идеолошки и менталитетно во северниот дел на корејскиот полуостров, предлагам да си се поделиме, мирнодопски, референдумски, нормално, не по етничка /религиска основа, туку по основата на тоа кој сака да живее во севернокорејски, а кој во јужнокорејски систем.

Ми претставува навистина огромна чест и задоволство што високи државни функционери (во случајов највисокиот по извршна моќ, премиерот) ги употребија буквално истите зборови, копипејстирани, кои јас ги користев за да ја опишам политиката на Бугарија кон Македонија, споредувајќи ја со таа на Русија кон Украина, односно кон украинскиот народ и нација. Прилично изненадувачки за мене, првиот извршен министер во владата Димитар Ковачевски ја спореди политиката на нашиот источен сосед кон нас, со таа на Русија, на Путин, но и генерално просечниот Русин кон посебноста на украинскиот национален идентитет, јазик, историја и самобитност.

Не знам дали е тоа промена во тактиката на македонските власти во понатамошниот период како да се однесуваме кон сè уште присутните дрски, безобразни, во најмала рака неевропски и недипломатски изјави, ставови и реторика на бугарските политичари – почнувајќи од претседателот Румен Радев, па сè до европратениците Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, но и на Корнелија Нинова, лидерката на Бугарската социјалистичка партија, како политички субјект паријата е во одумирање – кои не пропуштаат можност да упатат отровни стрели кон Македонија, кон нашите официјални власти, но и кон нас како нација. Сметајќи, веројатно, дека на тој начин ќе ја добијат имагинарната „војна“ во 21 век за Македонија, покрај сите физички и реални, кои ги изгубија на воено поле, но и на зелена маса во првата половина на 20 век. Но, оваа изјава на премиерот е за поздравување, конечно .

Лажните порнопатриоти се ем за Русија, ем за Македонија?!

Кога, ете, за исправноста на моите ставови, но и за ставовите на премиерот Ковачевски, стигна потврда од најмоќниот човек во Кремљ, кој за да ја „оправда“ својата „специјална воена операција“ во Украина покажал француска мапа од 17 век на која, нормално ја немало и не постоела Украина. Претседателот на уставниот суд Валери Зоркин му донел и му ја покажал мапата на Путин на која се гледало дека постоеле само Полско-Литванскиот комонвелт, Козакија и кралството Москва, на што сатрапот и монструмот од Кремљ му одговорил: „Тоа е општо познато“.

Колку треба да сте тотално изместен од умот, надвор од сите крајни граници на преостанатиот разум, за ладнокрвно да оправдувате ваша бестијална воена пенетрација и агресија врз суверена и независна држава денес во 21 век, притоа покажувајќи дека таа држава/нација ја немало на постојните карти во 17 век? Па, по таа логика, Велика Британија веднаш треба да ги нападне САД, дека се „вештачка и измислена“ нација и да си ги врати „историските територии“. И секој секого да го нападне од позиција на посилен и помоќен во постколонијалниов свет за да си ги врати историски загубените територии од денешните нации/држави што се „вештачки“ создадени.

Па, истата оваа логика, агресивно и грозоморно ја користат сите официјални и неофицијални лица на бугарската политика и општество, оправдувајќи ја исправноста на политиката на ветото. Тоа е официјалниот бугарски став кон оваа независна држава, непроменет од 1991 година и во периодот кога сме биле дел од пошироката федерација на СФР Југославија, море, практично од создавањето на бугарската држава на геополитичката мапа на Балканот на 3 март, далечната 1878 година.

Внимавајте сега што е најбизарното, најинтересното: тие што најмногу хистеризираат, крештат, вриштат, урлаат, коси кубат и вени сечат за наводната „бугаризација“ која ѝ се спрема или, уште пострашно, ѝ се случува на Македонија, тие се најгласни во оправдување на руската бестијална агресија врз Украина или ако малку имаат „срам“, тоа не го велат јавно, но го мислат потајно. За да не продолжам со „омраза“ и со навреди кон делот од македонскиот народ што отворено ја оправдува руската воена агресија врз Украина, тука ќе сопрам да го кажувам тоа што го мислам за ваквите изгубени души, наши сограѓани, етнички Македонци, за да не бидам пак обвинет од еден бард на македонската журналистика за „говор на омраза кон македонскиот народ“ кој своевремено бараше и ЗНМ да реагира со претставка за мојата колумна „Лудаците вљубени во Путин“ или пак повторно карикатуралните кловнови Биди и Бади да ме спружат пак во нивниот ептен релевантен и објективен медиум, како одроден Македонец или, пак, не дај боже, амбасадорот од кариера по којзнае кој пат да ја отвори устата најмногу што може како алигатор и да ме зграпчи со долната вилица во негова противодговор колумна, претставувајќи ме за „мршојадец, многу опасен платеник на официјална Софија, нималку наивен“.

Сите овие тројца ламентираат за тажната и жална судбина на мајка Македонија, бугаризацијата и за идентитетското одмакедончување по диктат на Софија, ама ниту еднаш, никој од нив, ни еднаш, збор не кажаа, не зуцна за бестијалното, крволочно и монструозно воено уништување на една суверена земја и на нејзиниот 40-милионски народ од својот, далеку помоќен, исто така, источен сосед. Бидејќи интимно се ситат, и/или го оправдуваат тоа. Па, еден Миленко Неделковски, двесте пати повеќе го почитувам и е морална величина за нив, бидејќи човекот отворено навива за руската страна во војната, без задршки, без релативизирања или кружења „као киша око Крагујевца“, се сити и навива за руските сили и позиции во Украина. Не калкулира дека ќе биде обвинет за човек „кој ја зазема агресорската страна“. Многу ме интересира ставот на овие и на сите други декларирани порнопатриоти за руската воена агресија во Украина на три елементарни прашања: Дали е тоа руска воена агресија врз Украина или специјална воена операција? Дали Русија ѝ го прави на Украина истото тоа што Бугарија ѝ го прави на Македонија? И дали има грам оправдување руската воена агресија во Украина или е за секаква осуда и згрозување од тоа што Путин го нареди и го направи врз најголемата по територија европска држава?!

Да се поделиме менталитетно и идеолошки!

Понекогаш се чувствувам дека живеам во Северна Кореја, не во „Северна“ Македонија. Преовладува ставот на избезумените, тие што сакаат да јадат корења и слепо да веруваат во вождот, во непогрешливиот лидер што ќе ги води во светла иднина и ќе ги исправи историските неправди што ѝ се нанесени на нашата мила мајка татковина, наместо да живеат во средена и институционално функционална држава (Јужна Кореа), во која граѓаните не само што нема да сакаат да се иселат при првата можна прилика, туку таму ќе останат до крајот на животот за да се реализираат лично и професионално.

Бидејќи губам надеж дека работите ќе се сменат во наша полза (по „јужнокорејски“) и дека ќе останеме за век и векови идеолошки и менталитетно во „северниот дел на корејскиот полуостров“, предлагам да си се поделиме, мирнодопски, референдумски, нормално, не по етничка /религиска основа, туку по основата на тоа кој сака да живее во севернокорејски, а кој во јужнокорејскиот систем. Еве, од старт им го даваме Скопје, да им биде главен град Скопјанг, бидејќи веќе има предиспозиции со гигантските споменици, а нам доволно ни е да ни ја остават Струмица, за деценија до две да ја претвориме во Сеул. Па нека кршат глава. И тие и ние среќни на крајот. Зашто вака не се издржува веќе, заедно под исто небо заробени во овој кафез од 25.713 километри квадратни.

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот