„Северна“ ќе задоцни во личните карти и другите документи?

лични карти
Лични карти / Фото: МИА

Проширувањето на користењето на новото име на државата, Република Северна Македонија за внатрешна употреба веројатно ќе се одложи, поради недобивањето на датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Член 1, став 10 од Договорот предвидува дека преодниот рок за употреба на сложеното име во внатрешните документи издадени од земјата зависи од започнувањето на преговорите за пристапување. Се наведува дека постои политички преоден период, односно дека промената на името на државата во документите за внатрешна употреба ќе се одвива согласно отворањето на поглавјата од преговорите со ЕУ и тоа треба да заврши во рок од пет години од отворањето. Што тоа ќе значи, дали на пример ќе се одложи промената на името на државата во личните карти и другите документи, надлежните не кажуваат.

Страв од имплементацијата на Договорот се чувствува кај грчката страна. Грчкиот весник „Катимерини“ во авторски коментар оценува дека одредбата вклучена во Договорот од Преспа дека името на Северна Македонија ќе биде ерга омнес – имено, да се користи како на домашен план, така и меѓународно – би можела да биде поткопана ако кандидатурата за пристапување на соседната земја во Европската Унија е одложена на неодредено време.

„Практично гледано, договорот предвидува дека, во отсуство на преговори за пристапување, Владата во Скопје нема да има обврска да го користи своето ново име Северна Македонија – договорено со Договорот од Преспа – внатрешно. Затоа, промената на името дома е поврзана со започнувањето на разговорите за пристапување на земјата во ЕУ, кои беа одложени минатата недела“, пишува Катимерини.

Поранешниот вицепремиер и уставен експерт Евангелос Венизелос, вели дека сега се одложува на употребата на името, ерга омнес.

Што практично значи ставот 10 од Членот 1 од Договорот, на кои документи се однесува, прашавме во Секретаријатот за европски прашања, Владата и Министерството за надворешни работи. Институциите се консултирале кој да одоговори и се договориле одговор да ни даде МНР. Кога ќе го добиеме одговорот ќе го објавиме.

По потпишувањето на Договорот беше кажано дека личните карти, пасошите, возачките дозволи  и регистрациските таблички ќе треба да се променат во рок од пет години, или кога ќе им истече рокот. Дали ова важи, засега никој не кажува.

Љупчо Петковски од „Евротинк“, вели дека стравувањата на грчката страна се оправдани, бидејќи во Договорот како гаранција е вградена одредбата со која внатрешната примена на името ќе зависи од отворање на поглавјата за преговорите за члентсво со ЕУ.

– „Катимерини“ е во право. Промената на името на државата во документите и законите треба да заврши во рок од пет години од почнувањето на преговорите поглавје по поглавје. Можеби нашите власти избрзаа со имплементацијата на Договорот, но тоа се направи за да се покаже добра волја по промената на власта во Грција. Имплементацијата на Договорот е поврзана со отворањето на преговорите, што е добро, бидејќи тоа е еден вид на гаранција – вели Петковски.

Професорот Денко Малески цели дека со непочнување на преговорите за членство со ЕУ значајно се пореметува Договорот од Преспа и  може да настанат значајни пукнатини.

– Но секогаш е најзначајно дали има добра волја да се продолжи по патот на помирување кој е зацртан во Договорот. Грчката страна по промената на власта даде изјава дека не им се допаѓа договорот, но ќе го почитуваат, додека ВМРО-ДПМНЕ почна да разговара за поништување на договорот. Ако има волја ќе се најде начин да продолжи имплементацијата на Договорот, но ако нема, се е залудно – вели Малески.

Во долгогодишните преговори со Грција опсегот на примена на новото име беше една од работите околу која имаше најголемо несогласување. Нашата страна бараше новото име да биде само за надворешна употреба, како што беше и со ФИРОМ, додека грчката страна инсититраше на севкупна употреба, односно ерга омнес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот