Северен како непосакуван идентитет

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

За остварување на можеби невозможната мисија за заштита на употребата на придавката македонски, а не северномакедонски, во контекстот на меѓународниот статус на идентитетските одредници на граѓаните на Северна Македонија, моментно не се гледа раздвижување дури ни како светлина на крајот на тунелот.

Прашањето на заштита или пак за загрозување на идентитетот веќе подолго време внесува длабок рез во поделбите во македонското национално ткиво. Во наелектризирана атмосфера, како во Македонија така и во дијаспората, со негаторски призвук се користи терминот „северџан“ и „северџански“, како идентитетска одредница за граѓаните кои го поддржуваат Преспанскиот договор, од кој, пак, според поддржувачите, произлегува дека треба да се употребува терминот македонски за јазикот, нацијата, народот.

Три години по потпишувањето, термините и одредниците од Преспанскиот договор се проследени со интересна пракса на нивно користење и толкување во меѓународни рамки, гледано токму од аспектот на острите спротивставувања околу тврдењата дека договорот не задира во прашањата на националниот идентитет.

 

Нејаснотии во врска со придавката

 

Во Норвешка, со пребарување на Македонци (на норвешки Makedoner), норвешкиот академски речник дава објаснување дека супстантивот се употребува (застарено) за лице, жител на Република Македонија, која од 2019 е Северна Македонија (Nord-Makedonia). Веднаш следи супстантивот Северномакедонци (nordmakedoner, слеано), со етимолошко објаснување дека станува збор за актуелна употреба на изведенка од името Северна Македонија. И во норвешкиот толковен речник, со пребараување на зборот Makedonia еден од резултатите што се добиваат е дека станува збор за лице од поранешната југословенска Република Македонија, со тоа што од 2019 се во употреба Северна Македонија и Северномакедонци.

Во Данска, со пребарување на именката Македонци (на дански Makedonier) во Речникот на модерниот дански јазик се добива објаснување дека тоа е „лице од Македонија (од републиката што го смени името во Северна Македонија во 2019 година, или од истоимениот регион на северна Грција) Во продолжение се посочени зборови со блиско значење и сегашната употреба на зборот Северномакедонци.

Во Шведска со пребарување на супстантивот Makedonier (Македонци) во Речникот на Шведската академија се добива кратко неутрално објаснување, односно дека станува збор за жители од Македонија. Но, од страна на шведскиот Институт за јазик и народна меморија, една од најзначајните шведски институции во областа на грижата за јазикот и јазичната политика, беше укажано дека со употребата на новото (слеано) име на државата, Nordmakedonien, ќе се јавуваат нејаснотии во однос на придавката и ознаката за националност. Како што беше забележано од страна на овој институт, можеше да се очекува скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во Договорот за името, да ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северномкедонци).

А тоа и се случува. Медиумите во Скандинавија  често известуваат со користење токму на придавката „северномакедонски“ – политичари, уметници или спортисти, или пак кога се повикуваат на „северномакедонски медиуми“. Голем број туристички агенцији во Данска, Норвешка и Шведска нудат аранжамни со посети на „северномакедонски винарии“, викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со „сцени од северномакедонската историја“, а неодамна шведскиот телевизиски водител, во најавата на претставникот на Северна Македонија на „Евровизија“, изнесе неколку податоци за да го упати шведскиот телевизиски аудиториум околу „пласамнот што го постигнале Северномакедонците“ на овој музички натпревар во изминатите години.

Во Шведска не е е ретка ниту појавата на повеќе веб-страници на разни организации и институции, кои на граѓаните, или на своите членови, им нудат услуги во превод на разни јазици, да се понуди и превод на „северноакедонски јазик“. Благајната за осигурување во случај на невработеност, приклучена кон еден од најголемите шведски синдикати на работниците во градежништвото, од пред извесно време, меѓу преведените содржини на други јазици на својата веб-страница, им нуди информации на своите членови и на „северномакдонски јазик“.

Не станува збор само за зачестена пракса на приспособување на термини и идентитетски одредници кои произлегуваат од новото име Северна Македонија, и за „невнимателна“ употреба во речниците во скандинавските земји. Северномакедонци често се споменуваат и во медиумите во Холандија (Noord-Macedoniërs). Во медиумите во Германија често се користат термините Nordmazedonier и Nordmazedonisch. Northern Macedonians или North Macedonians во англиското говорно подрачје.

 

Бесмислени обвинувања

 

Иако не се направени некои посериозни и посеопфатни студии и испитувања кои би можеле подетално да го разјаснат емотивниот и психолошки однос на македонските граѓани кон новото име на државата, сепак веројатно со сигурност може да се тврди дека за мнозинството Македонци придавката „северен“, произлезена од нужниот компромис во решавањето на спорот за името, е непосакувана идентитетска одредница, во смисла на чувството за припадност кон модерниот македонски граѓански идентитет.

Претходниот повеќедеценски акроним ФИРОМ исчезна со молскавична брзина штом стапи на сцена името Северна Македонија. Македонските партии, забревтани во беспоштедната трка за освојување на власта, трошат огромна енергија во меѓусебните обвинувања во кои мошне бесмислено се расфрлаат со термините северџани и предавници, од една или, пак, заштитници на идентитетот, од друга страна.

Околу користењето на Северна Македонија во јавната комуникација во Европа тешко дека нешто некому може да му се забележи. Но, за остварување на можеби невозможната мисија за заштита на употребата на придавката македонски, а не северномакедонски, во контекстот на меѓународниот статус на идентитетските одредници на граѓаните на Северна Македонија, моментно не се гледа раздвижување дури ни како светлина на крајот на тунелот. А за таква мисија е неодложно потребна свесно насочена акција со заеднички сили на меѓународен план – и со надпартиски, национален консенсуз.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот