Севдије Коџа признала во суд дека станала директорка на дебарската болница со лажен сертификат по англиски добиен во Бугарија

Директорката на Општа болница Дебар, педијатарката Севдије Коџа, на 4 октомври годинава, признала вина во суд дека со лажен сертификат по англиски јазик од Бугарија конкурирала за да стане директорка, дознава „Слободен печат“. Осудена е на две години условна казна, зашто вината е утврдена со признание, а за висината на условната осуда Обвинителството нема приложено жалба. Додека против неа беше поднесена кривична пријава за ова дело, министерот за здравство Арбен Таравари повторно ја назначи за директорка, со образложение дека немало пресуда и „дека ги исполнува законските услови за директорка“.

Кривичната пријава против поранешната членка на ДУИ ја поднесе МВР за лажен сертификат за познавање англиски јазик. Еден од предводниците на коалицијата „Вреди“, лидерот на Беса и градоначалник на Тетово Биљал Касами, се пофали на Фејсбук за „трансферот“ на докторката Коџа во „Вреди“ .

„Докажани жени во различни професии континуирано се приклучуваат на големото семејство на надеж и достоинство. Севдије Коџа, началник на Одделот за педијатрија во Општата болница Дебар, докторка со над 15 години искуство во здравствените институции во Северна Македонија, се приклучува на движењето Беса, за да придонесе за зајакнувањето на улогата на жените во нашето општество. Добредојде Севдије во движењето на надежта, со среќа!“, напиша Касами во објавата од 6 август годинава.

„Слободен печат“ ја побара пресудата за Коџа од Основниот кривичен суд денеска, бидејќи на сајтот на Кривичниот суд не е објавена. Се јавивме и кај директорката Коџа да ја прашаме како се случило да го добие сертификатот и каде го добила во Бугарија, но таа негираше дека признала вина за фалсификувана исправа и тврдеше дека не знае за што зборуваме.

„Пријавената С.К. вработена во Општата болница Дебар, набавила лажен меѓународен  сертификат за познавање англиски јазик, издаден од училиште за јазици од Република Бугарија. С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар“, пишува во билтенот на МВР од 14 февруари годинава кога на Коџа ѝ беше поднесена кривичната пријава.

Заедно со кривичната пријава против Коџа, на истиот ден (14 февруари 2024 година) единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава и против Т.К.(49) од Скопје по истиот основ – постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. И таа е осудена во истата пресуда заедно со Коџа, истиот ден.

Пријавената Т.К., вработена во основно училиште во село Драчево, Скопско, и пријавената С.К., вработена во Општа болница Дебар, набавиле лажни меѓународни сертификати за познавање на англиски јазик, издадени од училиште за јазици од Република Бугарија. Т.К. го употребила сертификатот при аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во село Драчево, по што со решение на градоначалникот на Општина Кисела Вода била именувана за директор во училиштето. На сличен начин, С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, се наведува во билтенот на МВР.

СКАНДАЛ: Фатмир Меџити ја разрешил доктор Милена Стевановиќ зашто „ѝ истекол сертификатот за англиски“ од Кембриџ кој важи доживотно

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот