Сестрата на починатиот бугарски боксер се сомнева дека е убиен

фото:shkodrasport.com

За време на викендот на боксерскиот турнир во Скадар, Албанија, бугарски боксер почина за време на бокс меч со домашен натпреварувач.

Помалата сестра на трагично загинатиот боксер Борис Станчов е убедена дека нејзиниот брат е убиен, а како аргументи ги приложува снимките од мечот кога домашниот боксер излегува од рингот.
Според сестрата, целиот случај би бил заташкан бидејќи Станчов е Ром, но тие се решени правдата да ја бараат и на суд.


Во соседна Бугарија веќе почнуваат да излегуваат нови шокантни откритија за смртта на боксерот. Прво беше објавено дека починал Исус Величков, но подоцна се дозна вистинскиот идентитет на трагично загинатиот боксер, Борис Станчов. Станчов настапил со фалсификувана лиценца под името на Исус Величков кој воедно му е братучед.

– Јас му ги дадов документите за да настапи под мое име. Тој имаше забрана за настап. Борис има настапено на шест мечеви со моите документи. Колку што јас знам, му плаќаат за да паѓа во рингот – призна Исус Величков кој исто така откри дека тој не е боксер, туку во минатото играл фудбал, и не знае како добил боксерска лиценца.

Како главен виновник, семејството на трагично починатиот боксер го посочува тренерот Венцислав Георгиев кој воедно и му бил менаџер.

„Тој беше еден од најдобрите боксери во клубот и не ми јасно како здраво, силно момче без никакви здравствени проблеми добил инфаркт. Тренерот го бараше да губи на мечевите. Непосредно пред борбата му кажал на тренерот дека не се чувствува добро поради водата која ја пиеше. Одговорот на тренерот беше „ајде, ќе издржиш“. По минута и половина Борис се струполи на рингот, а видео клипот е исечен. Доколку се беше во ред, тренерот немаше веднаш да бега да се скрие во Бугарија“, напиша неговиот братучед Љубо Иванов на својот профил на Фејсбук.

Герогиев засега негира било каква вмешаност во скандалот со фалсификуваните документи.
– Не знам како настанала размената. Мотивите зашто ги заменил документите, само тој си знае. Тој постојано се претставуваше како Исус Величков – се правдаше пред бугарските медиуми, Венцислав Георгиев.

Во целиот скандал со смртта на боксерот и фалсификувањето на документите, се вклучува и државата која најави детална истрага.
– Не знам како да го коментирам овој случај бидејќи е непријатен во моментов. За мене ова е чист криминал, крадење на идентитет и тоа е направено од починатиот боксер. Има неколку прашања на кои треба да се даде одговор – изјави министерот за спорт на Бугарија, Красен Кралев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот