Сериозната дебата за ребалансот на буџетот ја реметеше спикерот: Им го исклучуваше микрофонот на пратениците

Собрание на РС Македонија / Фото: СП. архива

Жешките обвинувања меѓу власта и опозицијата ги релаксираше спикерот Џафери. Им го исклучуваше микрофонот на пратениците доколу и секунда го надминат предвиденото време за говор и реплики.

– Ми се допаѓа вашиот хумор како власт, му рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска на спикерот Талат Џафери откако тој и го исклучи микорофонот на пратеничката од СДСМ, Марија Горгиевска.

– Пет пати ви викам благодарам, благодарам и очекував да ја завршите реченицата. Но реченица не се завршува ако почнувате друга од почеток. Ме натерате да ве исклучам, и рече Џафери на пратеничката Ѓорѓиевска.

Власта и опозицијата и во попладневниот дел од вториот ден со аргументи „за“ и „против“, ребалансот на буџетот со кој треба да се реализира четвриот пакет мерки од 470 милиони евра за надминување на економската и здравствена криза предизвикана од коронавирусот.

Опозицијата обвини дека и овој пакет на мерки, како и претходните три, ќе биде селективен и ќе биде наменет за поткуп на гласачите за претстојните локални избори. Според Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, власта се обидува да наметне црно-бела дебата на кое времето одамна и завршило.

– Ова е социјалистичко бољшевистички парламент во кој сè е или црно или бело. Многу тешко ќе ви биде во наредниот период со ваква опозиција. Дојде време на нови модели на дискусија, рече Василевска.

Костадин Костадинов од СДСМ ја повика опозицијата да се изјасни дали постои или не постои коронавирусот. И порача на Василевска да се изјасни што мислела кога говори за „неаргументирана опасност“ од ковид-19.

– Изградете став дали короната е опасна или не е опасна. Постои или не постои. Дали навистина требаат мерки за излез од економската и здравствената криза. Сега велите „неаргументирана опасност“ од ковид-19. Истиот став го слушаме и кај вашиот нов член во Извршниот комитет, Вело Марковски, рече Костадинов.

Во дебатата за ребалансот на буџетот се судрија и пратениците од владеачката ДУИ и опозициската Алијанса за Албанците. Пратеникот Елми Азири од Алијаната смета дека мерките не се квалитетни и се задоцнети. Обвини дека пратениците интегративци, ретко ги гледа на седници и не може да ги слушне да дебатираат.

– Улогата на буџетот во земји со високи стапка на сиромаштија треба да се заснова на потребата на граѓаните. Излезот од кризата го гледам преку вработувања и инвестиции, а не со еднократна помош. Ако трендот на јавниот долг продолжи со вакво темпо, земјата ќе влезе во инфлација, рече Азири.

Според пратеникот од ДУИ, Бедри Фазлиу, 470 милиони евра пари се директна помош за граѓаните и фирмите.

– Велите дека доколку се вбризгаат една милијарда и сто милиони денари ќе нема ефект. Говорите дека ќе навлеземе во епидемија на долгови и ќе падне куповната моќ на граѓаните. Знаеме што е инфлација, го имаме тоа во обзир кога ги гледаме секојдневните расходи. Опозицијата поднесе 186 амандмани. Ако бидат прифатени, тогаш ќе се постави прашањето кој овде прави ребаланс на буџетот, позицијата или опозицијата, рече Фазлиу.

Владејачката СДСМ повика на солидарност бидејќи во време кога целиот свет се соочува со економски и здравствена криза таа е најопходна за да не колабира економијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот