Сериозен аларм од Бугарија, Комисијата скептична за решение до 15 октомври

Фото: МИА

Македонија верoјатно фокусирана на омекнување на ставот на Макрон, на гласањето на Германскиот Бундестаг и ставот на Холандија, не ни помислуваше дека низок удар на патот кон ЕУ, ќе добие од Бугарија.

Никогаш поостар и така здружен заканувачки став не сме добиле од бугарска страна како денеска по консултативниот состанок кај бугарскиот Претседател Румен Радев.

„Секогаш сме истакнувале дека Северна Македонија може да смета на нас за ЕУ, но никогаш не сме кажале дека безусловно го поддржуваме нејзиниот прием. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и тие не треба да си играат со таа шанса“, изјави Борисов по средбата.

„Ние немаме поблизок народ. Исклучително е важно да бидат примени во ЕУ, но важно е и да разберат дека тоа зависи од нив. Затоа апелирам да запрат да си играат со историјата, со минатото и да се концентрираат кон иднината“, додаде Борисов.

Македонскиот pремиер веднаш одговори:

„За нас алармот којшто стигнува од Бугарија, пораките кои што ги праќаат од таму високите претставници од претседателот на државата, премиерот, владата, и другите претставници се сериозни. Сепак верувам дека нема потреба да бидеме загрижени, и дека Бугарија ќе биде еден од најсилните поддржувачи сега на Европскиот совет“, изјави Заев.

„Некогаш ние политичарите треба да оставиме на експертите, а ние да го јакнеме пријателството. Ние потпишавме договор во кој прифативме дека имаме заедничка историја, но секако дел од историјата ни е посебен. Во тој дух јас верувам дека комисиите ќе изнајдат решение. Комисијата е стручна и е направена за да ги дефинира работите. Нашите укажувања се да превземат храбри чекори, чекори засновани на фактите и на вистината и апелираме да се изнајде решение. Верувам дека не е доволно само нашата страна да има волја за тоа, туку исто така треба и страната од Бугарија. До сега се решени 4 историски периоди со 6 или 7 значајни личности кои заедно ги чествуваме дел од тие периоди… Верувам дека и ова поглавје од историјата ќе биде надминато и дека е можно брзо да се најде решението“, изјави Заев на прес конференцијата.

Се чини дека оптимизмот на македонскиот премиер не е во целост присутен и кај членовите на македонскиот дел од Комисијата. Како што дознава „Слободен печат“, инсистирањето на брзи термини за наоѓање решение тие го сметаат за притисок под кој работат.

Како иронично совпаѓање го земаат и  фактот што наредната средба на заедничката Комисија е закажана за 15 октомври во Охрид, токму на денот на состанокот на МНР на земјите членки на Унијата кога се очекува зелено светло за добивање датум за отпочнување преговори со ЕУ.

Во Комисијата велат дека интензивно работат на изнаоѓање соодветно решение на спорните точки од историјата, но се воздржуваат од било какви изјави заради избегнување на атмосфера на политизација, но се скептични дека до 15 октомври е можно компромисно решение имајќи го предвид тврдиот став на бугарската страна.

Сепак од изјавата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, може да се забележи помек став во однос на последниот кога инсистираше на брзо решение на проблемите. Тој вели:

„Бугарската Влада ќе формулира јасни крајни цели кои треба да бидат постигнати пред завршувањето на преговарачкиот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ. Треба многу да јасно да се стават предуслови, кои доколку не се реализираат, нема да се дозволи отварање нови поглавја. Тоа треба да биде јасно нагласено, како конкретна, отворена и конструктивна позиција уште на почетокот, при отварањето на преговорите“, рече Радев.

На средбата кај Радев присуствуваше и вицепремиерот и министер за одбрана Каракачанов. Тој, викендов порача дека тој и неговата партија нема да го поддржат членството на Северна Македонија во ЕУ. Побара истиот став да го усвои и владата на Бугарија, а во спротивно неговата партија ќе ја напушти владејачката коалиција.

Дали ваквите закани можат да бидат само за внатрешна употреба и зајакнување на внатревладината позиција, но можат и да ги отежнат ставовите на Владата доколку се со сериозна позадина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот