Септември не мириса на ајвар

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Повторувањето е мајка на знаењето (Repetitio est mater studiorum). Добрата стара латинска изрека која на времето, а можеби и сега, милуваа да ја изговараат наставниците во обид да ги натераат учениците да си го повторуваат тоа што го научиле за подобро да го запомнат, сега е веројатно максимата од која се водат актуелните градоначалници кои имаат желба да бидат и идни. Зошто инаку до бескрај, секојдневно, би нѐ потсетувале на она што го направиле во изминатиот мандат? За подобро да запомниме? Да не имаме случајно кусо паметење, па да заборавиме што сѐ тие направиле за нас и за нашиот град.

Па така, среде ноќ некој да нѐ разбуди има да изрецитираме од А до Ш колку и кои улици се реконструирани и проширени, колку километри велосипедски патеки се направени, колку тротоари се ослободени, каде се саделе дрва и грмушки, а каде „процветале“ фонтани. Знаеме и што сѐ е пред „тендерирање“. До толку е сето тоа транспарентно и во интерес на граѓаните.

Наскоро ги очекуваме и ветувањата, оние сериозните, што ќе бидат запишани во изборната кампања на кандидатите за градоначалници. Кандидати има многу, што значи дека ќе се изнаслушаме ветувања. И плукања на противниците, се разбира, тие одат рака под рака со предизборните најави на идните капитални проекти што треба да го сменат живеењето во општините на подобро.

Ги паметите ли годините кога септември поинаку изгледаше? Кога граѓаните се грижеа само за тоа како да го поминат овој, за многумина, најскап месец во годината. Децата тргнуваа на училиште, па родителите беа растрчани по книжарниците по сите неопходни „потрепштини“ за новата учебна година. Згора на тоа, требаше и зимница да се направи. Септември мирисаше на ајвар и туршија, на спокој и убаво секојдневие.

Сега имаме корона, образование кое се дигитализира, попис и избори. Комбинација од соништата, во која најмалку време и мисли се издвојуваат за домаќински работи. Тие мора да причекаат до некој друг септември оти сега има многу битни прашања за дискутирање и надмудрување по социјалните мрежи.

Факти (застрашувачки) за ковид-19, наспроти корона-муабети. Луѓе умираат уништени од вирусот, додека сѐ уште траат и уште повеќе се разгоруваат расправиите меѓу вакцинираните и невакцинираните. Се разболуваат и деца кои годинава посетуваат настава со физичко присуство, која се спроведува во обид колку-толку да се врати животот во нормала. Вакцинални сертификати и бескрајни дебати. И што заклучивме – постои корона или не, нѐ вакцинираат или само нѐ чипираат?

Истовремено тече пописот. Да се пуштат дома попишувачите? Да им се отвори вратата или да се одбие попишувањето? Сакаме да знаеме колку нè има во земјава или во ред е да живееме според она – колку сме, толку сме, арни сме. Основната статистичка операција што редовно се спроведува во секоја држава, кај нас се претвора во најголем проблем. Како и сѐ друго! Затоа што ние не веруваме никому и ништо и живееме оптоварени со мислата дека некој нешто ни работи зад грб.

И згора на сѐ, пред нас се локалните избори. Што е многу – многу е. Тешко е човек да биде експерт за сите прашања што живот значат. Да проценува, да чита зад зборови, да изигрува и антикорупционер и лекар и судија и изборна комисија. Се изморија луѓето. Па после нема време за ајвар и други „домаќинлуци“. Е нема!

Шегата настрана. Нашата прекрасна Македонија вчера празнуваше 30 години независност. Нека биде вечна, убава, раскошна и сакана. Само со умни луѓе, со верба, почит и меѓусебно разбирање ќе нѐ биде. Што би рекол еден од екс- премиерите – не само 30, туку 300 години!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот