Сепак сме блиски!

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

„Има нека тајна веза“ во Македонско-Српските односи. Како двете земји да се заветиле на „и во добро и во зло“ да тераат напред.

Политички гледано односите се некогаш со кавги, недоразбирања, препукувања, подметнувања. Но во суштина, во позадината на тоа стојат тесни врски меѓу двата народи кои се материјализираат во реалниот живот, а тое е пред сè економијата, сфатена во најширока смисла на зборот. Само за илустрација една милијарда евра е вредноста на таа размена на добра и на услуги. И се зголемува од година во година.

Доказ за тоа е вчера отворениот заеднички премин на границата меѓу двете држави кај Табановце-Прешево. Тоа не е мала работа ако на некого му изгледа така. Тоа е прв таков премин во регионот. Засега нема друг. За да се постигне таков договор мора да претходеле интензивни усогласувања од технички, но и од политички аспект. Понатаму, во тие простории од денеска работат и живеат заедно македонски и српски полициски службеници и цариници. Тоа значи градење меѓучовечка доверба, но и добра професионална координација меѓу двете надлежни институции. Се забрзува размената на добра на луѓе и на идеи.

Да не говориме за бенефитот на граѓаните и на бизнисмените од двете страни на границата кој допрва ќе се почувствува со полн капацитет.

Во дипломатијата има една синтагма „политичките односи заостануваат зад економските“.

Во нашиот случај со Србија изгледа како навистина да е така. Има разлики, тоа го призна и премиерката Брнабиќ во Скопје. Но вели „ние не бегаме од тоа и отворено разговараме за тие разлики.“

Во прилог на ова македонскиот премиер обзнани дека течат подготовките за уште една заедничка седница на двете влади.

Тоа е доказ дека некои од недоразбирањата можат да се испеглаат на тие седници. Освен тоа во напредна фаза било и отворањето информативни центри во двете земји.

Во суштина и двете држави се важни на Балканот, и двете имаат европски перспективи и амбиции.

Некои разлики ќе останат. И тоа е нормално. Ние сме сепак две независни држави со свои внатрешни специфики и со тоа и со различни глобални геостратешки интереси. Тоа ќе мора да научат да го почитуваат и српските и македонските политичките претставници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот