Сепак, правдата ќе победи – Слободен печат
Колумни

Сепак, правдата ќе победи

Нам ни треба решение, не договор. Демократија, човекови права, процесни права, владеење на правото и конечно нашиот правен идентитет. Тие се безутешно оставени на нас да ги решаваме сами. Тие промени мора самите да ги направиме и секако дека тој пат ќе биде полн со разочарувања сѐ додека стигнеме до целта!

„Сепак правдата ќе победи“ е единствен слоган богат со мудрост и вистина, кој упатува на зајакнување на владеењето на правото и човековите права како идеал на македонската демократија изразена во „Македонскиот концепт“, како најнов граѓански концепт што деновите се промовира од група правдољубиви граѓани од сите политички и неполитички провениенции.

Реално, хронолошки, реформите во правосудството станаа бауч на сите влади во Северна Македонија, со амбиција за ограничување и контрола во независноста и дејствувањето на судската власт како засебна. Сѐ повеќе акцентот се става на нашиот политички идентитет отколку нашиот правен идентитет.

Ваквиот правен реформизам почнува од осамостојувањето па и во наредните две и пол децении со реформи во законодавството и институциите инспирирани од членството на Северна Македонија во Совет на Европа, а потоа од евроатлантските аспирации на земјата. Меѓутоа, практично речиси сите реформи резултираат со серија грешки и недоследности во правосудната реформа, кои скапо нѐ чинеа нас како граѓани, а особено правниот идентитет на државата.

Практично, резултатите покажуваат дека нормативните решенија успешно го отелотворуваат концептот на правната држава, односно фантастичен концепт на хартија, а институциите наместо на правото покажуваат тенденции на служење на политиката што нѐ води кон заклучок дека нормативниот систем не е доволен сам по себе, доколку не се изгради соодветен систем на вредности и додека правната култура на властите, институциите и населението не достигне определено ниво да ги усвои како сопствени и да биде подготвено да ги брани.

Во однос на начелото на обезбедување независност на правосудството, реално се направија многу напори, некои добри, некои лоши, а резултатите покажуваат дека и тоа понатаму има проблеми со својата независност. Во правната држава судската власт е таа што го следи, оценува правилното, законитото работење на двете други власти. Според тоа, носител на независноста на судството е судијата, потоа судовите секој на свое ниво на надлежност и претседателите на судовите.

Последната Стратегијата за реформа на правосудниот систем на Владата даде еден благородна насока на реформа на правосудството, но без конкретни чекори во Акцискиот план за оваа стратегија во однос на динамиката и фазите на оваа реформа. Имено, чекорите во Акцискиот план сè повеќе оставаат простор за политички пазарења околу реформата во правосудството и тоа со маргинално вклучување на обвинителите или судиите во тие преговори. Со нивно целосно вклучување, убедени сме дека насоката на реформата ќе заземе друг правец кон јакнење на капацитетите на судовите и обвинителството и ќе покажат подготвеност и кадарност да се соочат со организираниот и високиот криминал на претставниците на високите политички елити (што досега не беше случај), како и да изградат завиден углед и поддршка од страна на јавноста!

Користењето реторика за реформа на судството, без зајакнување на етичките стандарди е неостварлива и има консеквенција на постојано слабеење на судството и на крај сигурно не може да се смета за позиција на отпочнување на реформата. Целосната реформа на судството се темели на базичниот принцип и парадоксот на развивање и имплементирање на Стратегијата за реформа на правосудството – изложување на кревката стабилност на судството кој е суштествено важен за решавање на меѓународните проблеми, исполнување на Поглавјето 23, како во екстензивна смисла, меѓународно позиционирање на земјата.

Нам ни треба решение, не договор. Демократија, човекови права, процесни права, владеење на правото и конечно нашиот правен идентитет. Тие се безутешно оставени на нас да ги решаваме сами. Тие промени мора самите да ги направиме и секако дека тој пат ќе биде полн со разочарувања сѐ додека стигнеме до целта! Не смееме да дозволиме да испорачуваме површна слика за владеењето на правото и да повторуваме иста парадигма на правна држава ако не сме спремни да ги направиме чекорите што би го конструирале нашиот правен идентитет.

Дополнително, не смееме да дозволиме правдата да биде прашање од второстепен интерес иако сѐ уште ни недостасува свест за тоа. Начинот на формулација на законските решенија, борбата со криминалот и јазикот што се користи во тој говор, скоро секогаш оди преку метафори и надреални ситуации со кој граѓаните се препознаваат и низ кој го формулираат својот став. Речиси секогаш кон тоа недостасува научно-стручна дебата за согледување на сите аспекти на проблемот, туку тој се заменува што сакаме да видиме ние во проблемот односно теоријата на big picture.

Во таа насока основните нишки на „Македонскиот концепт“ се вербата во капацитетот на активното граѓанство, кое прави совесни и информирани одлуки, како и идејата за владеењето на правото во која граѓаните можат да ги заштитат своите права и слободи пред судовите и тоа во правична постапка пред независен и непристрасен суд – со вистинска реформа, а не проформа на правосудството. Тоа е таа платформа на правдољубиви граѓани, кои сакаат своите идеали и искуства целосно да ги вложат во градењето на правната држава и зајакнување на концептот на Владеење на правото.

(Авторот е магистер по правни науки и правен советник)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close