Сенката на ванчовизмот ги стемни македонско-бугарските односи

Петков и Јотова во Битола/Фото: МИА

Еврејската заедница побара извинување од Бугарија и законски измени со кои кривично ќе се гони глорификацијата на фашизмот, а копретседателот на Историската комисија Драги Ѓоргиев предупреди дека се зголемува расколот меѓу Македонците и Бугарите.

Отворањето на бугарскиот центар со име на фашистот и негаторот на Македонците Ванчо Михајлов во Битола е тешка провокација, која ги уништува шансите за постигнување на договор меѓу Македонија и Бугарија за тргање на бугарското вето во Брисел и воопшто за добрососедство меѓу двете земји. Реакциите не стивнуваат три дена по понижувачкиот чин, кој беше дополнет со провокативни изјави од бугарската делегација, особено од потпретседателката Илијана Јотова, која рече дека во Бугарија нема македонско малцинство, а ветото останува сè додека Македонија со Устав не го признае бугарското малцинство! Претседателот Стево Пендаровски порача дека именувањето на установи според соработник на фашистите од Втората светска војна не служи на приближувањето на двата народа, Еврејската заедница згрозена побара извинување од Бугарија и законски измени со кои кривично ќе се гони глорификацијата на фашизмот, а копретседателот на Историската комисија Драги Ѓоргиев предупреди дека се рушат последните надежи за пристоен дијалог и се зголемува расколот меѓу Македонците и Бугарите.

Ѓоргиев: Ова е чин спротивен на пријателство

Претседателот Пендаровски јасно порача дека не ја спори добрата намера на премиерот Кирил Петков, но неговите пораки за добрососедство и соработка се минимизирани, со тоа што во делегацијата беа Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, како најгласни противници на македонскиот пат кон Европа во претходната бугарска власт. Тој порача дека Историската комисија беше формирана во 2017 година за да се најде компромис за настаните и личностите што треба да бидат заеднички чествувани, но тоа не е Ванчо Михајлов.

– За жал, во Битола е направен обид еден докажан соработник на Хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока – порача претседателот Пендаровски.

Копретседателот во Мешовитата комисија Драги Ѓоргиев отворањето на центарот „Ванчо Михајлов“ го коментира како чин што ги минира сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија.

– Станува збор за историска личност, која поради идеите за непостоење на македонската нација кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин што преминува на спротивната страна од т.н. пријателство – вели Ѓоргиев за „Дојче веле“.

Ѓорѓиев предупредува дека називот на клубот праќа и порака до Македонците.

– Повеќе од очигледна е тенденцијата да се потсети македонската јавност дека познатите идеи на Михајлов во однос на македонската нација и јазик ќе продолжат да бидат негувани во самата Македонија. Порака која, за жал, ќе го направи уште поголем расколот меѓу Македонците и Бугарите. Од друга страна, ваквиот чин го покажува вредносниот систем на одредена заедница. Кога од минатото се извлекуваат одредени вредности култивирани преку личности или настани, тогаш преку нив се дефинира сегашна вредносна и идеолошка позиција, како и визијата кон иднината на една заедница. И кога притоа, и покрај постоење бројни други можности, се извлекуваат вредности кои припаѓаат на мрачната страна на историјата, тогаш, се разбира, мрачна е и пораката што се праќа кон околината. На овој начин се задушуваат и така сè помалобројните и сè потивки гласови на разумот на двете страни. Уште потажно е што е злоупотребена културата, еден од ретките мостови меѓу двата народа – оценува Ѓоргиев.

Бурни партиски реакции

На навредливиот чин од Бугарите реагираа и повеќе политички партии. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рече дека не знае како по оваа провокација ќе продолжат разговорите меѓу Скопје и Софија.

– Потпретседателот на Бугарија продолжува со неевропските вредности и негирањето на македонското малцинство во Пиринска Македонија и тоа нема никаква врска со европските вредности кои овие политичари треба да ги промовираат. Нѐ враќаат во времињата на бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна овде во Македонија, на жртвите што македонскиот слободарски народ ги има дадено за своја демократска држава. Јас по оваа провокација и овие изјави дадени овде во Македонија, не знам кој е тој политичар или историчар што ќе седне на маса заедно со неговите колеги од нашиот источен сосед и да продолжи да преговара за постигнување договор барем до јуни. Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија, тогаш се прилично успешни – рече Мицкоски.

Тој ја повика меѓународната заедница и Брисел да стават крај на фашисоидните и хегемониски намери на Бугарија и да направи притисок за Македонија конечно да ги почне преговорите со ЕУ.

Според Демократскиот сојуз, државната стратегија за започнување на преговорите за членство во ЕУ е во колапс и треба да се редефинира.

– Предлагаме министерот за надворешни работи Бујар Османи да го информира Парламентот за сите аспекти на нашите евроинтегративни процеси, како и за разговорите со Бугарија. Со Бугарија треба да градиме добри односи на реципрочна основа и да ги отфрлиме нерационалните историски барања, кои не кореспондираат со историските факти и 21 век – реагира ДС, која е коалициски партнер во власта.

Според лидерот на НСДП Тито Петковски, исто така коалициски партнер во власта, пораката од Битола е јасна и недвосмислена, а тоа е дека Македонците треба да признаат дека се Бугари.

– И на најголемите оптимисти веќе им станува јасно дека по реинкарнацијата на фашизмот од страна на бугарскиот државен врв во Битола, Македонија нема да влезе во ЕУ. Може, ама не како Македонци со македонски јазик и не како антифашисти во Втората светска војна. Бугарија отворено ја уништува нашата и иднината на нашите деца – реагира Петковски.

Подготвен сум да тврдам, додава тој, дека Бугарија води отворена економска војна со Македонија.

– За 16 години откако добивме кандидатски статус само од првата бугарска блокада до денес Македонија изгуби над 250 милиони евра европски пари, по разни основи, кои можеше да се вградат во нашиот развој. Мора конечно да сфатиме дека државата е соочена со многу моќен непријател, згора и членка на ЕУ. И воопшто не треба да чекаме да поминат шесте месеци ветени од новиот бугарски премиер. Проблемот може да се реши уште утре, ако признаеме дека нема Македонци и македонски јазик – вели тој.

Петковски смета дека она што се случува деновиве е силен аларм за будење на партиите и ги повика СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да престанат со меѓусебните обвинувања за бугарското вето и да дефинираат државна стратегија за излез од ќор-сокакот, па макар, како што вели, ги прекинале преговорите и се откажале од членство во ЕУ.

– Одлуката за стратешките прашања мора да ја донесат заеднички партиите од власта и опозицијата. Многу е неодговорно, како политички така и човечки, бугарското вето да биде тема со која ќе се добива или губи власта – предупредува Петковски.

Од владејачката СДСМ вчера не издадоа соопштение со став за настанот што силно ја вознемири македонската јавност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот