Сениорите рутински до бодовите против „штркчињата“
Историската пресметка помеѓу два тима на ист клуб заврши со очекувана победа на МЗТ Скопје Аеродром, кој иако без најдобрите немаше проблем против МЗТ Скопје УНИ Банка (108:77), во меч кој „штркчињата“ покажаа заби во првата четвртина како потврда дека се светла иднина на составот.
Тренерот Ѓорѓи Кочов ја искористи можноста да ги одмори Џабари Хиндс, Нуни Омот, Дамјан Стојановски и Марко Симоновски во пресрет на дербито од АБА2-лигата в среда против Борац Чачак, што и не се почувствува на теренот, ниту во крајниот исход од средбата.
Ова беше одлична подготовка за сениорите, а фантастична можност за талентите предводени од Горан Крстевски да соберат драгоцено искуство кое и тоа како ќе им користи понатаму во кариерата.
Ќе остане запишано дека ја добија првата четвртина со 24:22, по што работите си дојдоа на свое место, за втор триумф во домашниот шампионат, а вкупно петти по ред за МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона, вклучувајќи ги и средбите од АБА2 лигата.
Андреј Маслинко со 27 поени и 15 скока беше најдобар во сениорскиот состав на шампионот, Андреј Магдевски беше веднаш зад него со 21 поен и осум асистенци, а Леонид Тодоровски со 19 и Борјан Стојановски со 15 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје УНИ Банка.
Во третото коло од домашното првенство МЗТ Скопје Аеродром ќе му гостува на Гостивар, додека МЗТ Скопје УНИ Банка ќе го пречека Вардар.