СЕММ ја отфрли жалбата на Ангела Илиевска за текст објавен на Слободен печат

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата
одржана на 18 јуни 2020 година, врз основа на примена жалбa од Ангела Илиевска донесе одлука дека жалбата се отфрла како неоснована.

Интернет – порталот „Слободен печат“, со текстот насловен „Тозија: Очекуваме рестартирање на целиот процес и нови големи светски успеси на македонската кинематографија (Видео)“, не ги прекршил етичките и професионални стандарди.

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 9 јуни 2020 година, Ангела Илиевска, поднесе жалба за текстот со наслов „Тозија: Очекуваме рестартирање на целиот процес и нови големи светски успеси на македонската кинематографија (Видео)“, објавен на интернет изданието на „Слободен печат“ (www.slobodenpecat.mk), во чии рамки е објавено и видео – интервју со директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, емитувано во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Оспорените текст и интервју се објавени на 4 јуни 2020 година.

Во жалбата се наведува дека оспорената содржина содржи мешање на факти и мислење, вест и коментар, незаштитена малолетна публика, говор на омраза, дискриминација, неточно и нефер известување, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето, незастапена втора страна и повреда на пресумпција на невиност и заштита на сведоци.

Подносителката на жалбата, Ангела Илиевска, смета дека новинарката во интервјуто навела дека Горјан Тозија бил нападнат поради политички ставови и дека се работело за класично извртување на вистината, зашто, како што посочува жалиталката, Тозија како функционер на социјалните мрежи употребил класичен говор на омраза, за кој веќе имало реакција од министерот за надворешни работи на Хрватска. Таа вели дека официјалното лице за време на интервјуто изнело тешки обвинувања и клевети, кои не биле докажани пред судските органи и дека истото лице се ставило во улога на обвинител. Илиевска смета дека, во своето гостување, Тозија употребил тежок говор на омраза, на начин што обвинувал странски државјанин/портпарол на влада за време на војната во Хрватска дека бил виновен за повеќе крв во војната.

„Дополнително службеникот етикетира и дава квалификации за медиумите кои замислете се дрзнале да го објават неговиот говор на омраза, притоа новинарката се придружува на неговите квалификации при што искажува дека веста е објавена во мал број медиуми (апсолутно неточно) . Дополнително новинарката се приклучува на соговорникот каде вели доказите се предадени во обвинителството, каде тука истата го почитува начелото за пресупција на невиност?!“, се посочува во поднесената жалба.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со „Слободен
печат“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Управителот на медиумот, Мирослав Јовановиќ, одговори дека поднесената жалба ја сметаат за неоснована и дека целосно ја отфрлаат. Од „Слободен печат“ во одговорот на жалбата го приложија и ставот на главниот и одговорен уредник на емисијата „Утрински брифинг“, Сашо Орданоски, како официјален став на компанијата.

Орданоски ги отфрла сите наводи во жалбата за неосновани и појаснува дека гостите во видео – форматот на „Утрински брифинг“ ги одразуваат своите лични и професионални ставови, за кои редакцијата не може да одговара. Тој посочува дека објавениот разговор не се однесува на „известување“, туку на изнесување лично мислење и службени ставови на соговорникот, во својство на директор на Агенција, за чија точност медиумот не може да одговара. Во однос на наводите на жалителката за немање „втора страна“, Орданоски образложува дека во разговорот во ниту еден момент не било споменато ниту едно име, за да се подлежи на ова новинарско начело. Тој за неоснована ја смета и забелешката за повреда на пресумпцијата на невиност.

„Во разговорот се наведуваат општи места, повеќе години познати и многу пати детално објавени во македонската јавност, од поднесена кривична пријава од ресорот на работа на официјалниот претставник на агенцијата за филм (г. Тозија) за сторени тешки кривични дела (проневера на 4,6 милиони евра) во рамките на агенцијата, а не се спомнуваат имиња или други информации за актери или сведоци, со кои тие би се довеле во состојба на загрозеност. во разговорот не постои основа за оваа жалба“, се посочува во одговорот на жалбата.

Во однос на наводите за постоење говор на омраза во оспореното интервју, Орданоски смета дека жалителката не прави елементарна разлика помеѓу, како што наведува, евентуални граѓански квалификации за сторена, поединечна, навреда или клевета (на „странскиот државјанин“, „службено лице на друга држава“ и сл.) и кривичните квалификации за „говор на омраза“, кои се однесуваат на дела против колективитети.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби едногласно утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На седницата на 18 јуни 2020 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Најпрво, заклучија дека не можат и немаат право да ги утврдуваат фактите наведени во неа. Надлежност на Комисијата е единствено да ги утврдува етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ.

Членовите на Комисијата утврдија дека предмет на жалбата се два новинарски жанра, објавени на интернет изданието на „Слободен печат“, кои не се во целосна корелација од аспект на содржината. Едниот е текст во кој се пренесува дел од разговор со директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, емитуван во емисијата „Утрински брифинг“. Вториот е интегрално пренесен разговор со Тозија во форма на видео – интервју во трање од 16 минути, емитуван во емисијата „Утрински брифинг“ на веб-порталот „Слободна ТВ“.

Комисијата најде дека и во двата случаја нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Во првиот случај, во текстот се пренесени општи ставови на директорот на Агенцијата за филм околу состојбите во македонската кинематографија и работата на институцијата, која ја предводи. Во вториот случај, односно, видео – интервјуто со Тозија, водено од новинарка на „Слободна ТВ“, Комисијата, исто така, се согласи дека нема отстапки од етичките и професионални стандарди. Иако соговорникот, кој воено е владин функционер, во емисијата на моменти изнесува контроверзни ставови за случај поврзан со наводни злоупотреби околу проект за снимање филмска серија, кој доби и политичко-регионални размери, сепак Комисијата заклучи дека се работи за лични мислења на Тозија, за кои медиумот не може и не треба да понесе одговорност. Ова уште повеќе ако се земе предвид дека предметната емисија оди во живо и новинарот е ограничен да интервенира и да постапува во случаи ако соговорникот прекрши одредени принципи или користи непримерен или навредлив јазик. Во овој контекст, невозможно е и да се провери и точноста на изречените ставови на гостинот, односно да се обезбеди „втора страна“ за време на интервју, на што
упатува жалителката во поднесената претставка.

Комисијата при одлучувањето го зеде предвид и фактот дека во текот на целиот разговор воопшто не се споменати имиња или презимиња на личности, кои се предмет на критиките и обвинувањата од страна на директорот на Агенцијата за филм. Оттука, публиката не може да направи јасна проценка на кого конкретно се однесуваат тие обвинувања, како што е во следниот дел од разговорот:
*Новинарка: „Сметате дека овие напади се токму поради таа причина?“
*Горјан Тозија: „Прво да кажам дека се работи за една многу опасна личност. Тој беше портпарол за време на ратот во Хрватска и еден од луѓето што ратот го направија толку крвав. Многу опасен човек со големи пари, со големи врски и тоа е склоп на новианрско и полициско подземје.“

Дел од членовите на Комисијата, при одлучувањето, сепак констатираа извесна пристрасност кај новинарката која го водела разговорот со Тозија. Комисијата зазеде став дека таа можела да се огради од некои ставови на соговорникот, да го прекине или да му постави дополнителни прашања, со кои би се согледале и други значајни аспекти и би придонеле до поцелосно разбирање на темата. Но, и покрај тоа, членовите не најдоа доволно елементи за експлицитно нарушување на етичките и професионални стандарди, пред сѐ, поради тоа што се работи за  интервју, во кое изразувањето на различни ставови, дури и контроверзни, се дозволени, се’ додека тие не излегуваат од границите на слобода на изразување.

На крајот, Комисијата се согласи и констатираше дека „Слободен печат“ можел да го преработи, односно приспособи текстот или видео – интервјуто, на начин што и двете содржини би биле во ист контекст и корелација за да се избегне можноста за доведување на читателите во заблуда.

Тозија: Очекуваме рестартирање на целиот процес и нови големи светски успеси на македонската кинематографија (ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот