Семејството од Сирково на кои им изгореа 25 јагнињасе сомневаат дека причина за пожарот е човечки фактор

Дадо, станувајте, нешто гори. Братучедот ни подвикна во 20 минути пред 23 часот. Се избезумивме со сопругот кога видовме дека горат трлото и плевната во која имавме 25 јагниња и едно прасе, сено и детелина. Огнот брзо се ширеше. Гасневме ние домашните, пожарникари, соселани. Сите дадовме се од себе. Но за жал, не успеавме да ги спасиме кутрите животни.

Вака за МИА со солзи во очите раскажува 32-годишната Благица Атанасова од росоманското село Сирково, чиј имот во неделата доцна вечерта бил зафатен од пожар.

Атанасови се сомневаат дека причина за пожарот е човечкиот фактор, дека некој го има подметнато. Штетата ја проценуваат на околу пет илјади евра.

-Никогаш нема да ја заборавиме таа ужасна сцена која ни се врежа во главите, нашите јагниња како изгореле така собрани на купче, како да сакале едно со друго да си помогнат, да се спасат од пламените јазици. Кутрите тие, греота за нив, барале спас, но не успеаја да го најдат. Судбина било, не успеавме да им помогнеме. Страшна глетка, греота за младите животни кои не ни беа наменети за продажба, ами за зголемување на стадото, секое од нив беше напредно и со околу четириесетина килограми, вели младата жена.

Изгореа 25 јагниња во пожар во селото Сирково

Разочарана, додава дека не можат да си дојдат на себе после трагедијата која ги задесила.

-Не можеме да спиеме, око не сме склопиле. Во мислите постојано ни се вртат нашите јагниња миленици, го слушаме нивниот глас, силниот оган кој ги изгоре, исто така не ни излегува од глава. Сопругот е сточар уште од дете на девет години, ова стадо му е наследство од неговите. Не можеме да се помириме со загубата, како да сме изгубиле некој многу близок од семејството. Никако не можеме да се смириме после пожарот. А нашето синче, иако има само три години, постојано плаче бидејќи го бара, а не може да го најде своето омилено јагненце, Петко, мило бело животинче со црна точка на грбот. Каде е мојот Петко, постојано прашува, а толку е мал за да разбере што е тоа пожар и ред други работи, раскажува домаќинката, која поради коронавирусот останала без работа, а сега семејството го снашла уште една трагедија.

Случајот е пријавен во полиција, а семејството со стадо од 115 овци и десетина други малечки јагниња, синоќа било посетено и од страна на градоначалникот на Росоман Бранко Јанев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот