Семејството на киднапираниот Самоил Костадиновски им упати порака на грабнувачите

Фото: Фокус

„Каде и да е Самоил, што и да се случило, ве молиме ослободете го. Пуштете го да си дојде дома, ние дење и ноќе сме будни, го чекаме да се врати“ – со овие зборови, во име на целото семејство, им се обрати на киднаперите Виолета Бошкоска, тетката на грабнатото момче од Скопје од кое веќе 12 дена нема никаква трага.

Бошкоска за „Фокус“ вели дека целото семејство живее во агонија. И мајката на Самоил, која живеела во Бугарија, по настанот се вратила во земјава. На блиските на Самоил им останува само да чекаат и да се надеваат дека тој жив и здрав ќе се врати дома.

„Многу боли кога знаеш дека некој од твоите го нема, а ти си немоќен! Постојано плачам, дење и ноќе сме будни, чекаме да се појави на вратата, да дојде… Денес ангажиравме адвокат да влезе во списите, да види што се случува, така да сме барем во контакт со истрагата. Но сепак, сметам дека се направија големи пропусти во истрагата, се дозволи киднаперите да го запалат автомобилот“, вели Бошкоска.

И сопругата на 26-годишниот Самоил, Орхидеја, вчера апелираше за помош за тој да се пронајде. Таа рече дека се шпекулирало оти Самоил имал некакви проблеми за кои дома не знаеле. Ги негираше ваквите информации и наведе дека тој живеел здрав живот, не пиел алкохол, не користел дрога.

Околу тоа дека бил киднапиран, потврди Обвинителството, кое води постапка против двајца за кривично дело грабнување. Со одлука на Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, на двајцата осомничени им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Бошкоска вели дека таа не ги знаела, но Самоил ги познавал двете осомничени лица кои сега се во притвор. Сивиот „Опел“ во кој киднаперите го возеле момчето, е запален и целосно изгорен.

Двајца осомничени за грабнувањето на внукот на Љубе Бошкоски однесени во Шутка, добија притвор од 48 часа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот