Семејството и пријателите – најсигурен извор на пари

Фото: Profimedia

Годинава не е баш најповолна за компаниите што сакаат да го прошират бизнисот и да вложат во сопствениот развој. Зборот криза се употребува барем десетпати дневно и мудро се користи за да се блокира секое (не)продуктивно задолжување.

Во моментот многу малку од малите и средни претпријатија, се решаваат да добијат заем, а некои и безуспешно тропаат на банкарските врати. Комерцијалните банки понекогаш ги сметаат ММСП како високоризична клиентела и затоа често ги одбегнуваат при одобрувањето на заемите. Ако, пак, ги прашате стопанствениците, тие како од „пушка“ ќе ви посочат дека долгите и компликувани процедури за одобрување кредит, ги дестимулираат, а истовремено го поттикнуваат неформалното финансирање од семејството и пријателите.

– Во компаративна перспектива, македонските фирми многу повеќе се потпираат на семејството и пријателите како извор на финансии (30 проценти), а помалку на внатрешните ресурси и задржаната заработка (35 проценти) отколку компаниите од Југоисточна Европа. Можни причини за ова се послабите финансиски резултати на македонските компании или неподготвеноста на македонските менаџери и сопственици да ги обелоденат информациите за компанијата – стои и во публикацијата на Македонија 2025, насловена како „Пречки во пристапот до финансиски средства за ММСП во Северна Македонија“.

Фрапантно е и што трговските кредити и финансирањето преку акционерски капитал (преку емисија на акции на пазарот на капитал, капитални инвестиции од страна на институционални инвеститори или приватни пласмани) сочинуваат само 2 и 1 отсто од вкупното финансирање, соодветно, и се под регионалниот просек. Од друга страна, земањето кредит од приватни комерцијални банки (за што се изјасниле 35 проценти) и државните банки (6 проценти) е слично на регионалниот просек.

Истражувањето на Македонија 2025, покажува и дека нефункционалните кредити (НФК) може да се една од причините зошто банките поретко позајмуваат на фирми, особено на понови и ризични фирми без кредитна историја.

– Како и во другите земји, НФК на компаниите во Северна Македонија значително се зголемија по глобалната финансиска криза, додека нивото на НФК кај домаќинствата по првичниот пораст, преминаа во надолно движење. Во 2016 година, според регулаторните барања, отпишан е значителен дел од НФК, а во последните три години тие се намалуваат. По овие случувања, се изготви стратегија за подобро управување со НФК, како и поддршка на пазарот за продажба на НФК заедно со акциски план според кој се води спроведувањето.

Банкарскиот сектор на Северна Македонија има еден од највисоките стапки на покриеност на НФК во регионот (ОЕЦД, 2019), што исто така е сигнал за свесност за висок ризик кај банките – пишува во анализата.

И залогот е преголем „залак“ за малите фирми

Бизнисмените се жалат и дека банките им бараат обезбедување чија вредност изнесува два до три пати повеќе од вредноста на заемот. Ова особено се однесува на залозите за возила, машини и друга опрема. Поради долгите и скапи судски трошоци за реализирање на залогот, банките преферираат како обезбедување да земаат недвижен имот.

– Барањата за залог исто така може да делуваат како ограничување во пристапот до финансии. Неколку достапни компаративни студии дошле до заклучок дека барањата за голем залог во Северна Македонија делуваат како бариера на пристапот до финансиски средства (ЕИБ, 2016; ЕЦБ, 2017; ММФ, 2019). Во Анкетата на претпријатијата, македонските фирми изјавиле дека за околу 76 проценти од кредитите е потребен залог. Овој процент се зголемува со големината на фирмата (а веројатно и со големината на побараниот кредит): тој изнесува 72 проценти за малите фирми, 83 проценти за средните и 87 проценти за големите фирми. Залогот потребен за кредитот е околу 172 проценти од износот на кредитот, како за малите, така и за средните фирми. Барањата за висок залог може да се поврзани со слабото владеење на правото и корупцијата, па оттука негативно влијаат и врз финансиските средства достапни на компаниите – стои во анализата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот