Семејство поминало вистинска голгота: Бебе по пет неуспешни операции конечно само јаде и дише

Една година траела голготата на семејство од град од внатрешноста чие прво дете се родило со краток хранопровод. Породувањето пред една година е направено во струмичката болница каде докторите не знаеле што му е на детето, но откако добило тешка инфекција, го префрлиле во Скопје. По три дена била поставена дијагнозата и на 21 септември лани му била направена првата итна операција. Детето пет пати е оперирано на Клиниката за детска хирургија, но безуспешно. Во многу тешка состојба, приклучено на апарат за дишење, е испрaтено во Турција од каде по тримесечно лекување, почнало да дише без апарат, но проблемот со хранопродоводот останува нерешен. Потоа детето е пуштено дома каде за него четири месеци се грижи мајката во состојба кога тоа се уште не може самостојно да дише, а на стомакот има три отвори (стоми). Голготата на семејството завршува пред неколку дена кога бебето е оперирано во „Жан Митрев клиника“.

– Среќна сум што за првпат му го чув гласот на моето дете, дури и тоа беше збунето од својот глас. По операцијата за првпат моето дете откако е родено јаде преку уста. Сега е како здраво дете. Последната операција е направена на 21 септемрви годинава, точно една година од првата. Се надевам дека завршивме со овој дел од животот – вели во изјава за „Слободен печат“ мајката Босилка Н.

Нејзината бременоста се одвивала најнормално, а бидејќи и е прво дете, била и повнимателна и почесто правела контроли, но не се утврдил проблемот кој постоел кај плодот.

– На Детска хирургија ми велеа да не се поврзувам многу со детето, бидејќи може да не преживее – вели Босилка.

Операцијата во „Жан Митрев клиника“ не ја правел детски хирург, туку дигестивниот хирург Милчо Пановски и кардиохирургот Жан Митрев.

Направено е комплетно ослободување на градниот кош, ослободен е желудникот и дел од хранопроводот и потоа се поврзани, по што самиот желудник е подигнат и поставен во центарот на градниот кош, покрај дишникот. Детето по операцијата е под контрола на педијатар, анестезиолог и медицински персонал на единицата за интензивно лекување. Постоперативниот ток е уреден, детето се храни преку уста и дополнително преку сонда поставена во дванаесетпалачното црево. Сондата ќе се користи уште една недела, а потоа ќе се отстрани – објаснува за „Слободен печат“, д-р Пановски.

Тој не гледа проблем во тоа што, иако не е детски хирург, туку дигестивен, оперирал бебе.

– Во текот на мојата долгогодишна кариера многу пати сум асистирал на колегите од Клиниката за детска хирургија. Тие лиценцираните детски хирурзи пет пати неуспешно го оперирале детето – вели д-р Пановски.

Д-р Митрев објаснува дека кога имаат некој комплициран случај како овој се консултураат со надворешни соработници, меѓу кои и лекари од странство, но операциите ги прават самостојно.

– Нема потреба во операциските сали во мојата болнциа да влегуваат лекари странци, ние сме доволно стручни за да може да оперираме. Тоа со детските хирурзи и детските кардиохирурзи нема никакво значење, ние сме сите хирурзи со огромно искуство и нема потреба да се прави никаков проблем околу тоа – вели Митрев.

Тој објаснува дека истото важи и за кадриохируршките операции кај новороденчињата со вродени срцеви мани. Тој ја демантира изјавата на министерот Венко Филипче дека странски лекари ги оперираат овие деца во „Жан Митрев клиника“.

– Јас сум доволно стручен за да можам да оперирам и бебиња, нема лекари од странство, не знам зошто се појавуваат такви информации. Порано не го правев тоа, бидејќи во старите простории на болницата немаше услови, но сега тоа е надминато – вели Митрев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот