Семејното насилство е најзастапен облик на насилство врз жените во Грција

Осум од десет жени кои пријавиле насилство во Грција, во периодот од 1 ноември во 2019 година до 31 октомври 2020 година, биле жртви на семејно насилство, а во повеќе од пола во случаите, пријавата се однесувала на нивниот сегашен или поранешен сопруг, согласно податоците од годишниот извештај за насилството врз жените од Генералниот секретаријат за семејна политика и родова еднаквост на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Семејното насилство, со 84 отсто, е најзастапени вид на насилство врз жените во Грција за изминатата година, што во 33, 5 проценти од случаите било манифестирано со психолошко насилство, 29,6 отсто вербално, а 28,8 проценти физичко.

По семејното насилство следат силувањата и сексуалното вознемирување со по два отсто.

Во изминатите 12 месеци, во советодавните центри била пружена помош и поддршка на 4.872 жени, од кои повеќе од пола побарале психолошка (27 отсто) или правна (27 проценти) помош.

На СОС телефонската линија се јавиле 8.609 жени, 6.042 од повиците биле за „случаи на насилство”, а 88 отсто се однесувале на семејно насилство.

Слична е ситуацијата и за време на првиот карантин во март и април, кога до советодавните центри и СОС линијата за спречување и борба против насилството врз жените се обратиле 549 жени.

Во речиси 84 отсто од случаите станувало збор за семејно насилство,  28 отсто од жените добиле психолошка поддршка, а 26 проценти правна поддршка.

Во повеќе од пола од пријавите, насилството било од сопрузи (поранешни или сегашни), а 48 проценти од жените биле на возраст од 36 до 55 години.

Во април годинава, за 227,4 отсто се зголемил бројот на повици на СОС линијата за „случаи на насилство”, споредбено со еден месец претходно, со оглед на тоа дека првиот карантин започна на крајот на март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот