Село е кога има сѐ

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Како никогаш досега се продаваат куќи и плацови во сите села околу Скопје. Се откриваат места кои биле толку блиску до нас, а за кои не сме слушнале, се истражува и се доживува убавината на природата, како повторно да се родила. Короната создаде нова навика – викенд во природа, а тоа ја разгоре желбата на луѓето да имаат свое катче, да избегаат од градското сивило и од неподносливото скопско загадување. Короната предизвика и еден нов тренд кај пензионерите, враќање во руралните средини.

Но, селата се покажаа неподготвени повторно да бидат освоени. Тие беа долго време запоставени и маргинализирани, иако и долго време се зборуваше  за нивно заживување, за враќање на земјоделците, за рурален туризам. Реалноста е дека македонските села, дури и оние во непосредна близина на Скопје, се оставени без добри патишта, некаде и без вода од водовод и со струја колку за една светилка и шпорет. За да се вратат „на свое“, новите станари треба да се решат еден куп проблеми – да има вода дома, значи нормален водовод, а не чешма сретсело, електрична мрежа која ќе има доволен капацитет за нови приклучоци, соодветни септички јами – нивното правење никој не го контролира, а тоа е сериозна работа – ако веќе за канализација воопшто не може ни да зборуваме.

Секако, вистината за селата најмногу се открива преку патот што води до нив. Најголем дел од патиштата се далеку од 21 век, тие се тесни, со тенок асфалт, кој се распаѓа под налетот на малку повеќе возила од новите станари или од викенд гости, но и под тркалата на тешката механизација што треба да ги изгради новите, или да ги реновира старите куќи. Снегот, пак, викендов покажа колку таквите патишта може да бидат опасни по животот на луѓето и како (не) функционира нивното расчистување.

Ако секој градоначалник си ја работи својата работа, средувањето на селата и не е толку „невозможна мисија“. Само треба да се има повеќе желба за работа, а помалку за сервисирање на личните интереси, за празни состаноци и за деловни ручеци, кои сега поради короната во значителна мера пропаднаа, па ете можност да се искористи „заштедениот“ денар.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски најави нова регулатива, која ќе ги ограничи задолжувањата на општините, но беше дециден и дека треба да се ограничат вработувањата и трошоците за да нема непродуктивни расходи. Ако еден министер го вели ова, треба да најде и начин тоа да се спроведе на дело – преку закон, пропис, сеедно, само да функционира. Затоа што, како што рече Милевски, само така ќе останат повеќе пари за инвестиции во општините.

За поздравување е и најавата дека оние општини што се штедливи и што инвестираат, ќе добијат и награда, дополнителни средства од државата за инвестиции. Но, дефинитивно во целата „приказна“ недостигаат казните. Градоначалниците што „заборавиле“ што е нивната работа, треба да бидат казнети. И тоа не само со политички, туку и со казна за злоупотреба на народни пари и службени овластувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот