Селмани: Оставките се морален чин, ама не се доволни – мора да се најде виновникот за трагедијата во Тетово

Поранешниот министер за здравство Имер Селмани / фото: официјална фејсбук-страница

Поранешниот министер за здравство Имер Селмани вели дека обвинителството и другите надлежни тела во државата треба да го имаат последниот збор околу пожарот во тетовската модуларна болница, како и дека додека не заврши истрагата, не треба да се брза и да се обвинуваат функционерите кои понудија оставки по трагичниот настан.

Во изјава за Алсат, Селмани вели дека случајот не смее да се затвори само со оставки на раководните лица.

„Оставките се само морален чин и истражителите и обвинителството, сите тие институции кои треба да го решат случајот, мораат да ја завршат работата докрај. Иако последниот, одлучувачки збор треба да се очекува од обвинителството, не треба да се брза и да се судат оние кои понудија оставки“, вели Селмани.

Она што се случи е голема катастрофа, но такви случаи за жал има и во други земји, додаде поранешниот министер.

„Но овде, покрај оставките, виновникот дефинитивно мора да се открие. Се разбира, откриениот виновник тогаш ќе сноси одговорност и казни кои се предвидени во други закони“, рече тој.

Во катастрофалниот пожар во тетовскиот модуларен ковид-центар на 8 септември загинаа 14 луѓе, а 12 беа повредени. По несреќата, оставки до владата понудија министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик, Илир Хасани, како и двајцата директори на тетовската Клиничка болница. Нивните оставки не беа прифатени, а премиерот Зоран Заев повеќепати повтори дека ќе ги чека резулатите од истрагата, пред да одлучи дали ќе ги прифати одлуките на Филипче и Хасани да се повлечат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот