Селекторскиот бигор на Игор

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Ќе остане нејасно зошто ФФМ не му укажа доверба на подолги патеки, иако е селектор со најдолг стаж досега. Скромниот стручњак ќе си го најде патот, но ќе остане бигорот во неговата душата за односот на Федерацијата кон него.

Репрезентивното збогум на Горан Пандев, кое со право беше во центарот на вниманието на јавноста, го фрли во сенка заминувањето на фудбалскиот селектор Игор Ангеловски – Мрме. Еден од најзаслужните за успешно завршениот проект „Македонија на Европско првенство во фудбал“ секако дека не очекуваше шпалир од играчи на теренот по неговиот последен натпревар на „Јохан Крајф“ арената, но најмалку што заслужи е барем да биде испратен со овации.

Пласманот на „Евро 2020“ не е во рангот на четвртото место на најдобрите македонски кошаркари на Европското првенство во Литванија во 2011 година, ниту може да се мери со петтото место на ракометарите од континенталниот шампионат во Србија во 2012 година. Но фудбалот е фудбал. Можам да замислам каква парада ќе имаше утре случајно да владееше Никола Груевски. Секако немаше да биде за ЛГБТ-заедницата. Пред десетина години, власта со народни пари правеше спектакли заради популизам и билдање на сопствениот рејтинг кога во отворениот туристички автобус, во кој беа славодобитниците Антиќ, Илиевски, Гечевски, Мекејлеб… се возеше првата полицајка Гордана Јанкулоска (веројатно за да ги учи како да ја постават одбраната?!). Се организираше народен, наместо играчки шпалир за ракометарите покрај Триумфалната капија. Поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов веќе не ни памети кому сè му дал орден. Не дека и сегашниот премиер Зоран Заев пропушти да се слика при пречекот на фудбалерите од решавачкиот натпревар во Грузија, односно за да ги испрати кон Букурешт и „Евро 2020“ (откако беше одбиен да ги посети играчите за време на подготовките), но во споредба со „гореспоменатите“, оваа политичка злоупотреба е мачкина кашлица.

Најголемата благодарност Ангеловски ја доби од капитенот Пандев. Веројатно му е и најзначајна, бидејќи доаѓа од најголемиот во фудбалот во самостојна Македонија. Зашто, колку и да се биде селективен во фалбите на селекторот, фактите што му влегуваат во портфолиото мора да се признаат: историски пласман на ЕП, макар и преку најслабата група во Лигата на нации, достојно претставување на земјата на самото првенство, скок на А-тимот од 139-тото на 62. место на ФИФА-листата, за првпат Македонија се пласира во квалификациска група на 3. место, победа против Германија на гости. И не помалку важно – градење тимска хемија во мултиетничкиот состав на репрезентацијата, стекнување самодоверба дека може да се победи секој, ако веќе „панцерите“ го положија оружјето во Дуизбург, младите од ЕП „под 21“ во 2017 веќе имаат доволно сениорски натпревари во нозете како основа за продолжување со добрите игри и резултати во добро почнатите квалификации за Светското првенство во Катар 2022.

Во Мрме верував уште како тренер на Работнички ја освои двојната круна во конкуренција на побогатите и помоќни Вардар и Шкендија и кога го елиминира членот на големата турска четворка Трабзонспор во квалификациите за Лигата на Европа. При неговото назначување за селектор, во не толку славни денови на репрезентацијата, го храбрев по почетната победа против Црна Гора од 4-1, остварена пред онолку гледачи на националната арена што дури можеше и „поединечно да се поздрави со нив“ (околу 300). Во тие тешки моменти, многу поважно од тоа што јас верував во него е тоа што веруваше и Горан Пандев,  иако тогашниот челник Илчо Ѓоргиоски, како да се срамеше да го нарече селектор, па на сајтот на федерација Ангеловски го прекрсти во „предводник“. Резервираноста на ФФМ беше поради претходното лошо искуство со тренерите Џон Тошак, Зоран Стратев (в.д.), Чедомир Јаневски, Бошко Ѓуровски и Љубинко Друловиќ, кога за три години Македонија падна  на 166. место на ФИФА ранг-листата, не забележувајќи победи цели 13 месеци.

Мрме го запознав одблиску во Охрид, додека во чаршијата „на ушка“ носеше едно од своите деца, а другите две беа покрај него. Глетка што зборуваше сама за себе. Го поддржав кога ФФМ доцнеше со продолжувањето на неговиот договор, и покрај обезбедениот пласман на ЕП. Неговата обврска кон ФФМ е со важност само до 31 јули, иако практично заврши со последниот натпревар на „црвено-жолтите“ против Холандија. Ќе остане нејасно зошто Федерацијата не му укажа доверба на подолги патеки, иако е селектор со најдолг стаж досега. Скромниот стручњак ќе си го најде патот (се зборува дека е цел на повеќе странски клубови), но ќе остане бигорот во неговата душата за односот на Федерацијата и претседателот Муамед Сејдини кон него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот