Селаковиќ: Србија ќе овозможи брзи ПЦР тестови на своите граѓани за патување

Никола Селаковиќ/ Фото: EPA-EFE/KAY NIETFELD / POOL

Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, изјави дека државата ќе обезбеди на своите граѓани брзи ПЦР тестови за патувања, доколку Европската Унија (ЕУ) донесе одлука да дозволи влез само на оние кои примиле вакцини од западни компании, јави дописникот на МИА од Белград.

– Важно е да ја зголемиме ефикасноста на нашиот систем и резултатите од тестовите ќе бидат достапни за граѓаните во рок од 90 до 120 минути, изјави Селаковиќ за ТВ Прва.

Тој кажа дека допрва ќе се разгледува дали граѓаните ќе плаќаат за тестовите и која ќе биде нивната цена.

Селаковиќ посочи на нелогичноста на ЕУ да најавува патни дозволи само на оние кои примиле некои од вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), додека во исто време Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина сè уште не добиле ниту една доза од ЕУ.

Истакнувајќи дека целта на имунизацијата е зачувување на здравјето на граѓаните, а не патувања, тој потсети дека руските и кинеските вакцини ги користат и одредени членки на ЕУ, вклучително и Унгарија, Словачка и Чешка.

Зборувајќи за донацијата на вакцини за Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија, Селаковиќ оцени дека Србија со тој гест покажала колку и е важна регионалната соработка и дека во тој случај нема победници и губитници, туку заедничка борба „пред сè” против Ковид-19 и сиромаштијата.

Претходно денеска, премиерката Ана Брнабиќ, коментирајќи ја најавата на ЕУ за воведување на ковид пасоши со вакцини кои се одобрени во ЕУ, изјави дека тоа е спротивно на сите основни европски вредности и дека тоа не смее да се третира како геополитичко прашање.

Брнабиќ кажа да смета дека во Брисел и во сите релевантни здравствени агенции се свесни за фактот дека и кинеските и руските вакцини се ефикасни и безбедни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот