Села по вторпат ќе гласа различно од партнерот Ахмети, нема бланко поддршка од Европскиот фронт за Законот за локална
Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села нема да гласа за измените и ќе се повтори сценариото кога пред формирањето на Владата, ДУИ го поддржа Законот за реорганизација на Владата, додека пратениците на Алијанса не гласаа. Тогаш за возврат ДУИ доби ад-хок собраниска комисија за следење на правичната застапеност во институциите
Нема бланко поддршка од Европскиот фронт за измените на Законот за локална самоуправа со кои власта бара да нема предвремени избори во општините чии градоначалници станаа министри и пратеници, односно ако до редовните избори има помалку од една година, велат за „Слободен печат“ од Европскиот фронт.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе треба да направи отстапка во корист на предводникот на фронтот, лидерот на ДУИ Али Ахмети, ако сака да обезбеди двотретинско и Бадентерово мнозинство со цел да се усвојат измените во Собранието, зашто станува збор за системски закон. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека отстапка нема да има, освен тоа дека ќе ѝ овозможат на ДУИ да раководи со Општина Сарај до октомври 2025 година, наместо „во ноември годинава да ја изгуби општината“.
Ако власта добие двотретинска и двојна поддршка за законот, тоа ќе значи дека во Гостивар, во Аеродром и во Сарај ќе нема предвремени избори за градоначалници, иако Арбен Таравари и Тимчо Муцунски станаа министри, а Блерим Беџети од ДУИ стана пратеник.
Против бланко поддршка се и партиите на Турците
Предлогот на власта што утре треба да биде ставен на пленарна собраниска седница, ги разедини и коалициските партнери од Европскиот фронт, кои утре на координација ќе се обидат да изградат заеднички став. Од ДУИ не откриваат што ќе бараат за возврат на поддршката за Законот, иако велат дека измените на Законот и ним им одговараат, бидејќи ќе го задржат Сарај до редовните локални избори в година. ДУИ поладнево на состанок во Мала Речица ќе донесе конечна одлука како ќе се позиционира за предлог-законот.
Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села нема да гласа за измените и ќе се повтори сценариото кога пред формирањето на Владата, ДУИ го поддржа Законот за реорганизација на Владата, додека пратениците на Алијансата не гласаа. Тогаш за возврат ДУИ доби ад-хок собраниска комисија за следење на правичната застапеност во институциите со која ќе раководи Талат Џафери.
– Каква смисла имаат изборите ако за тоа кој ќе раководи со граѓаните, одлучуваат политичарите преку измени на законите според моментните интереси. Ние сме против и не поддржуваме ниту еден предлог што е спротивен на концептот на легитимитет – велат од Алијанса за Албанците за „Слободен печат“.
Против бланко поддршка на измените на Законот за локална самоуправа се и Демократска партија на Турците предводена од Бејџан Иљаз и Движењето на Турците, предводено од Сали Мурат, со таа разлика што Иљаз, како што изјави за „Слободен печат“, ќе поднесе амандман од кој ќе зависи дали ќе ги поддржи измените.
– Амандманот ќе биде да нема цензус при повторен избор за градоначалник за да не ни се повторува ситуацијата кога во два наврата не можеше да се изберат градоначалници на општините Центар Жупа и Маврово-Ростуше, бидејќи жителите на тие општини живеат во странство – вели Иљаз.
Мурат, пак, е дециден дека ќе гласа против измените на Законот бидејќи тие се противуставни.
– Нема да ги поддржам измените затоа што се противуставни и го ограничуваат плурализмот во парламентарна демократија. Со измените се суспендира правото на граѓаните на избор на градоначалници. Уставот гарантира изборно право на граѓаните. Градоначалниците кога излегле на избори, ветиле програма за мандат од четири години. Граѓаните му веруваат и дале доверба на градоначалникот што го избрале. Кој верува и кој му дал доверба на вршител на должност градоначалник? – прашува Мурат.
Со гласовите на ДУИ власта ќе има и двотретинско и Бадентерово мнозинство
Предлог-измените на Законот за локална самоуправа предвидуваат со тие општини до крајот на мандатот да раководат вршители на должност градоначалници кои, пак, се избрани од општинските совети наместо, како што предвидува Законот, општините што ќе останат без градоначалници во рок од шест месеци да одат на предвремени локални избори за избор на градоначалник.
Сепак, различните позиции во Европскиот фронт не ги доведуваат во прашање законските измени ако ДУИ даде поддршка, бидејќи владејачкото мнозинство составено од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на коалицијата Вреди и на Движењето ЗНАМ брои 78 и само со 10-те пратеници од ДУИ ќе има и двотретинско и Бадентерово мнозинство.
Иако побаравме, не успеавме да добиеме став дали за измените ќе гласаат и лидерите и пратеници на ДПА и на Народното движење, Мендух Тачи и Скендер Реџепи.
Предлагачи на законските измени се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, на Вреди и на ЗНАМ, Никола Мицевски, Халил Снопче и Бобан Карапејовски. Предлог-измените се поднесени по скратена постапка. Според предлагачите, станува збор за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори во октомври 2025 година. Опозицискиот СДСМ досега не се изјасни за измените на Законот, додека опозициската Левица ќе гласа против, како што велат, овие скандалозни и антидемократски измени.
-Деспотски, по скратена постапка и со широк консензус помеѓу партиите на олигархијата се задава кобен удар по демократијата и уставното право на граѓаните за непосреден избор на своите локални власти. Неоправдано е граѓаните во одредени општини да бидат лишени од слободни и демократски избори и да бидат предводени од неизбрани луѓе кои ќе управуваат со народни пари. Дополнително во само три месеци ДУИ вторпат ќе овозможи двотретинско мнозинство на власта. Овој циркус го обесмислува легитимитетот на владејачкото мнозинство чија наводна цел е развластување на ДУИ, додека заедно дејствуваат во Собранието – велат од Левица за „Слободен печат“.