Села: Ахмети 18 години е премиер, но никогаш не ги бранел буџетот и даноците на Албанците – Да се забранат анкети за време на кампања (ВИДЕО)

Зоран Заев и Христијан Мицкоски со изјавите за формирање влада без албански партнер, ги исклучуваат Албанците од системот, а таквото дејствување може да предизвика низа други дејствија. На Македонија не и треба премиер Албанец, туку премиер на сите граѓани, вели во денешното интервју во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, лидерот на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села.

„Се обратив со прашање до Заев и Мицковски дали се свесни дека со таквите идеи ги исклучуваат Албанците од системот. Тогаш дали Албанците имаат право да го бојкотираат системот? Дали тоа им дозволува да прават нов систем? Една нивна реакција може да предизвика низа дејствија. Ако тие прават влада од македонски партии, тогаш ние ќе треба да правиме албанска влада“, вели Села.

Според него време е да се прекине со изјавите на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, за премиер Албанец, туку тоа, вели Села, треба да се случува полека, преку дебата, како разумни луѓе, до консензуална демократија.

„Не е Ахмети тој што треба да зборува за такви теми. Заев и Мицкоски сакаат да го кренат Ахмети за да опстане на политичката сцена. Не е тајна дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сакаат таков партнер во власта.  Во суштина, понудата на Али Ахмети мене ми личи на покритие за вистинската дискриминација што се случува. Ако сум Заев или Мицкоски би ја прифатил идејата. Знаете колку добро ќе звучи пред меѓународната заедница дека во Македонија има премиер Албанец, а од друга страна, кандидатот кој ДУИ го нуди не претставува албански интерес, туку повеќе интерес на струи од стари пријателства на СДСМ. Од друга страна тоа би било покритие на секојдневните случувања, политизирана правда, етничка правда, монтирани политички случаи до ден денеска“, потенцира Ахмети.

Лидерот на коалицијата составена од Алијанса на Албанците и Алтернатива, смета дека ДУИ како политичка партија, владее со Албанците од 2002 година но не направила ништо.

„Албанците се разочарани. Самата промена носи нова енергија. Сакаме да го намалиме тој интензитет на напуштање на државата од младите. И треба промена од аспект на тоа како се води држава. Промена во правниот систем, каде еднаш засекогаш сите кои биле учесници во политички организирана корупција или криминал да одговараат и не смеат така да се затворат тие случаи. Нашата програма предвидува од најголемите европските држави, да дојдат тим од судии и обвинители кои ќе ги отворат сите предмети за корупции и криминал. Второто барање е да има мониторинг на ЕУ за судството кај нас, слично како во Украина. Така нема да може политички да се носат одлуки. Држава за сите значи дека правда треба да има за сите“, вели тој.

Села најави сигурна победа на неговата партија, а притоа рече дека со закон треба да се забранат предизборните анкети, кои спред него, ги манипулираат граѓаните.

„Албанците кога те гласаат и ти даваат легитимет, Албанците бираат премиер на Албанците. Ахмети 18 години е премиер, но никогаш не ги бранел буџетот и даноците на Албанците. Коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива ќе победи на овие избори. Овие денови слушаме анкети, ама добро е што веќе има пример дека анкетите ништо не погодуваат. Треба да се забранат анкети за време на кампања бидејќи не мерат туку создаваат мнение. Партиите плаќаат пари за да ги ориентираат гласачите. Преку овие сондажи се создаваат анкети за сиромашните граѓани. Ние победуваме а со кого ќе коалицираме, имаме услови. На пример членството во ЕУ е неопходно. Од моментот кога нашата програма ќе добие легитимност, односно ќе ги добие гласовите, веќе не сум Зијадин Села, туку ветувањата мора да ги спроведам. Нашата коалиција гарантира дека работите ќе бидат поинакви, дека ќе има правда, конкурентност но и никој да не се натпреварува и да гази врз главите на другите за да стигне до целта“, порача Села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот