Сексуално образование не е „табу“ – стартува во две урбани и две рурални училишта

Сеопфатно сексуално образование

Преку обука на наставници од денеска и официјално започнува најавената пилот програма за сеопфатно сексуално образование во Македонија.

Од претходно министерката за образование и наука, Мила Царовска, најави дека пилот програмата ќе опфати две урбани и две рурални училишта, чија настава е и на македонски, но и на албански јазик.

Бирото за развој на образованието, невладината организација ХЕРА, меѓународните организации УНЕСКО, УНДП, СЗО, УНФПА се дел од учесниците во овој проект, а токму во организација на ХЕРА,  започна првиот дел од обуката за наставниците кој се одржува во живо, додека вториот дел ќе биде онлајн.

Која е потребата од сексуално образование?

По сите истражувања кои ги прават меѓународни агенции и домашни граѓански организации се покажува сега дека сите ученици, наставници и родители, велат дека под итно треба да имаме сексуално бразование и тоа ме радува, изјави неодамна министерката Царовска.

Министерката истакна дека оваа проблематика ќе се истражи на сите нивоа и дека воведувањето на сексуалното образование е од големо значење.

– Со години работев на истражувања во други држави коишто обезбедуваат сексуално образование. Во нашиот пилот проект влегуваат четири пилот училишта, две рурални и две урбани и имаме две коишто имаат македонски и албански наставен јазик, што значи дека на сите нивоа ќе истражиме како ќе биде односот кон сите поглавја коишто се во сексуално сеопфатно образование во нашата држава – истакна Царовска.

Почнува пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование

Министерката потенцираше и дека преку вакви проекти ќе се овозможи искоренување на насилството во каква и да е форма и идните генерации ќе се поттикнат на толеранција и почит.

Табу темите стануваат минато

Преку воведување на сеопфатно сексуално образование, децата уште од најмала возраст ќе се запознаат со таканаречените „табу“ теми, а преку тоа ќе се запознаат со повеќе  различни појави во општеството кои и тоа како се актуелни, сметаат повеќе експерти на оваа тема.

Според Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција Маргини, воведувањето на сеопфатното сексуално образование може значајно да помогне во формирањето на поздрав однос на младите кон сопствената сексуалност и односите помеѓу родовите.

ВИДЕО | Цветковиќ: Потребна е сеопфатна реформа на учебниците и што поскоро воведување на сексуално образование

-Се прескокнуваат „непријатните“ теми како насилството, шовинизмот, сексизмот, хомофобијата, расизмот, трансфобијата итн. Сето ова резултира со еден доминантен став на одобрување на насилството, особено она кога е тоа насочено кон жени и многу често обвинување на жртвите. Не зборувам само за физичкото насилство има и други форми на насилство кои се сметаат за норма- изјави од претходно Цветковиќ за „Утрински брифинг“ на „Слободна Тв“.

Потребни се стручни лица кои ќе пренесат квалитетно знаење

Ова образование ќе им дава информации на децата, најпрво сознајни информации, но доколку тие информации успеат да ја доловат суштината, да се развијат позитивни вредности во овие сфери, тогаш ова ќе биде нешто многу позитивно, смета психологот Марија Котевска Димова.

Димова укажува на тоа дека ова е еден многу позитивен процес, а истакнува и што треба да се направи за сето ова да вроди со плод.

– Самата намена на овој процес е позитивна, но за биде уште попозитивна потребно е суштествен приод кон темата, во кој ќе се работи на позитивни вредности во однос на оваа проблематика. Доколку се сувопарни информации ефектот нема да биде ист, иако и тие неможат да бидат штетни, но нема ниту да бидат премногу корисни – вели Димова.

Што ќе донесе сексуалното образование: Побезбедна или попромискуитетна младина?

Најважното од се, според Димова, всушност е ангажирање на стручни лица и преку посебна програма да се обработуваат овие теми, со цел учениците да ги извлечат максимумот.

– Доколку се одбере вистински пристап со вистински луѓе кои на еден квалитетен начин ќе доловат повисоки вредности во однос на овие специфични теми прилагодени на возраста на децата, тогаш секако дека зборуваме за позитивна промена. Најважен акцент ставам на тоа ова да биде суштествена промена со адекватни програми и адекватни луѓе кои ќе пренесат вредности кои децата ќе ги развиваат во иднина – заклучи Димова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот