Секој жител на ЕУ годишно фрла 11 килограми облека

Европскиот парламент усвои стратегија за забрана на палење на непродадени и вратени текстилни производи.
Производството на облека во последните две децении двојно е зголемено, а трајноста на производи е намалена за 30 отсто. Годишно секој жител на Европската Унија фрла 11 килограми облека, а секое парче облека се носи просечно седум до осум пати. Поради ваквата ситуација ЕУ почнува серија проекти кои би требало да доведат до намалување на потрошувачката, објави српска „Политика”.
Стратегијата за одржливи текстилни производи што ја усвои Европскиот парламент дури најавува воведување на дигитален документ кој би требало да ги има сите податоци за производот на пример, каде и кога е направен, од кои материјали и дали може да се рециклира.
Според некои податоци, проценките се дека само во Германија годишно се уништува непродадена облека во вредност од седум милијарди евра.
Според познавачите, модната индустрија денес функционира како „фаст фуд”, а се претпоставува дека до 35 отсто од глобалната микропластика испуштена во океаните потекнува од синтетички текстилни производи. Инаку, глобално во морињата секоја година влегуваат меѓу 200 и 500.000 тони, а познато е дека еден од најголемите загадувачи на планетата е облеката бидејќи е се поевтина, направена од материјали кои тешко се рециклираат.
Во индустријата за облека и обувки која вработува 1,5 милиони работници низ ЕУ, доминираат малите и средни претпријатија, а дури 60 отсто од облеката во ЕУ не се призведува во земјите членки. Користената облека во мал процент се извесува, а најголем дел завршува на депонии или се пали. Глобално, помалку од еден процент од произведениот текстил се рециклира.