Секој пчелар не е за да одгледува пчели!, разговор со Цветанка Колева, пчеларка со мајчински инстинкт

Има секакви пчелари, од оние на кои им е важна пчелата како жив организам, до оние на кои пчелата им е алатка за приход и кон неа се однесуваат немилосрдно. На пчеларката Цветанка Колева пак, пчелите ѝ се другарки, секоја си има свое име, а таа ги одгледува мајчински.  

Цветанка Колева почнала да пчелари пред 20 години и тоа случајно, бидејќи не се препознала во општествениот систем за да најде работа според образованието, а нејзиниот сопруг веќе се занимавал со пчеларство. И така, тој мерак ја фатил и Цветанка и сега пчелите се дел од неа. Низ годините го научила и нивниот начин на комуницирање. Покрај тоа што работи активно со нив, ги набљудува и се воодушевува на редот кој владее кај нив. За Цветанка пчеларењето е слобода, а пчелите ѝ се другарки, па не чуди што секоја си има и свое име. Нејзиниот пчеларник е лоциран на  висорамнината Витачево, која како микролокација изобилува со медоносна флора, која дава полифлорен ливадски и шумски мед.

Може да зборуваме за добар мед, доколку пчеларникот е во рурално подрачје, почвата во околината е нетретирана со пестициди, медот е исклучиво од цветен нектар од диворастечки ратенија, билки, чаеви и од посеви што не се третирани со пестициди. Хуманистичкиот приод во пчеларењето за мене е најважен.

Што значи да се биде пчелар и кои се разликите меѓу пчелар и медар?

– Да се биде пчелар значи да се поседува пчеларник со пчелни семејства. Според мене пчелар/ка е личност што ги сака пчелите и се грижи за нив, при тоа произведува: прополис, цветен прав, матичен млеч, пчелин отров и на крај е медот, доколку годината е добра и има доволен принос на мед. Сите овие пчелни производи, освен медот, зависат од посветеноста на пчеларот и неговото знаење да ги произведе. Во тоа се состои пчеларството како занает. Медари се пчелари кои произведуваат само мед.

Каков вид пчеларство практикуваш?

– Од 20 години во активно пчеларење, 15 години ги применуваме органските практики во пчеларењето. Тоа значи дека при одгледувањето на пчелите се применуваат одредени пропишани правила. Едно од најважните правила е пчеларникот да е поставен на локација на која медоносната флора е диворастечка, односно локации каде што пчелите немаат можност да дојдат во допир со пестициди, потоа при заштита да не се користат синтетички пестициди што се штетни за здравјето на пчелите, а со тоа и на пчеларот и на консументите. Станува збор за применување метод кој бара повеќе посветеност, будност и љубов кон нив. Поради различниот стил на пчеларење во однос на конвенционалните пчелари, често имам жестоки дискусии со различните од мене и ме радува фактот што доста пчелари веќе ја сфатија поентата и сè помалку користат неприродни материјали и техники во пчеларењето. Моето убедување е квалитет наспрема квантитет, чесност во пчеларењето и хуманост кон пчелите, кон себе, кон консументите и кон природата.

Климатските промени укажуваат на тоа дека претеравме во секој дел во земјоделието и потребно ни е да се вратиме не еден чекор, туку два наназад. Континуирано се труеме, кревајќи раменици со изговор, па од нешто мора да се живее.

Кои услови треба да се исполнети за да имаме добар мед, имаме ли годинава квалитетен мед?

– Пред сè добра местопложба на пчеларникот, доколку не пчеларите селидбено, односно во сезона на медобер ги шетате пчелите на различни места со цел да се добие поглем принос на мед. Нашиот пчеларник е лоциран на едно место. На висорамнината Витачево, која како микролокација изобилува со медоносна флора, која дава полифлорен ливадски и шумски мед, но климатските промени во последните години многу негативно влијаат на условите за нектарење, а со тоа и на развојот и одгледувањето на пчелите. Може да зборуваме за добар мед, доколку пчеларникот е во рурално подрачје, почвата во околината е нетретирана со пестициди, медот е исклучиво од цветен нектар од диворастечки ратенија, билки, чаеви и од посеви кои не се третирани со пестициди. Хуманистичкиот приод во пчеларењето за мене е најважен.

Оваа година беше многу тешка за пчелите. Мед се произведе минимално, но важно е да се каже дека пчелите издржаа и одиме понатаму.

Дали е вистина дека конкуренција на домашните пчели почнаа да им прават увезените од странство, и на кој начин се нарушува работата на домашните пчелари?

– Пчеларската фела е голема. Нè има секакви. Од оние на кои им е важна пчелата како жив организам, до оние на кои пчелата им е алатка за приход и кон неа се однесуваат „немилосрдно“. Лично тој однос многу ме погодува и сметам дека секој пчелар не е за да одгледува пчели. На нашиот пчеларник ја одгледуваме нашата македонска пчела Апис мелифера македоника (Аppis mellifera macedonica), наша автохтона раса пчела, која е најсоодветна за ова поднебје, зашто е наша и чувствуваме морална одговорност да ја зачуваме како таква. Во последните години, за жал, поради лакомост на одредени пчелари, илегално се внесуваат пчели кои припаѓаат на други раси што потекнуваат од други делови на Европа, мислејќи дека се попродуктивни од нашите, т.е даваат повеќе мед. Не така. Тие пчели се добри на поднебјето каде што настанале, но донесени тука даваат просечни резултати, најголемата штета од нивното присуство тука е што предизвикуваат генетско загадување, со што нашиот вид автохтона пчела е загрозен. За мене тоа е премногу некоректен однос во однос на нашата македонска пчела, која треба да се трудиме да ја подобриме и афирмираме, а не да ја загрозиме и на крај целосно да ја изгубиме како единствена наша раса.

Во познатиот документарец за пчеларката Атиџе се нагласува правилото „пола за мене, пола за пчелите“, колку тоа се спроведува во пракса?

– Со оваа изјава Атиџе го кажа нејзиниот етички однос кон пчелите. Кога го чув тоа, разбрав дека имаме ист став кон пчелите. Многу се израдував што тоа излезе од жена која прати голема хуманистичка пораката низ нашата земја, а и многу пошироко, со оглед на успешноста на филмот „Медена земја“. Некои пчелари коментираа негативно за нејзиниот начин на пчеларење, но јас комплетно се согласувам со нејзиниот став. Мајчинско одгледување на пчелите.

Каква е состојбата на пчеларите во Македонија? 

– Главно дифузна и несредена, од причина што немаме јасни правила на игра. Немаме Закон кој го регулира селидбеното пчеларење, така што во одредени моменти се случува пренаселување на одредени локации со пчелни семејства, па резултатот е намален принос, ширење на заразни болести и штети кај стационарните пчелари, кои немаат начин да се одбранат од несаканите „гости“ што им ја узурпираат пчелната паша, која ја уредуваат за своите пчели. Проблем се и комерцијалните „пчелари“, кои продаваат фалсификуван мед и прават контрареклама за македонскиот мед.

Зошто се вели дека пчеларството е работа за мажи?

– Тоа што годиниве наназад пчеларите се во голем број, сепак не е машка работа уште од минатото. Пред Втората светска војна, жените биле тие кои се занимавале со пчеларство. Нечии мајки, баби. Одгледувале на едноставен, примитивен начин, слично како и органското пчеларење во ова модерно време. Во тоа време пчеларството се сметало за женска активност во едно семејство. По Втората светска војна, многу практики се изгубени, прифатени се нови, кои се сведени на кристење на пестициди и во почвата и на растенијата и во пчелите, особено за заштита при болести. Климатските промени укажуваат на тоа дека претеравме во секој дел во земјоделието и потребно ни е да се вратиме не еден чекор, туку два наназад. Просто кажано, континуирано се труеме, кревајќи раменици со изговор, па од нешто мора да се живее. Да, но со кој квалитет? Навистина парадоксално.

На нашиот пчеларник ја одгледуваме нашата македонска пчела, која е најсоодветна за ова поднебје и чувствуваме морална одговорност да ја зачуваме како таква.

Дали би им ја препорачала оваа работа на младите и кои се изгледите за иднината на пчеларството од твоја гледна точка?

– Како прво, ако пчеларењето го гледаме од бизнис-аспект, не го препорачувам во услови на климатски промени, при што штетите од нив во пчеларството се сè поредовни. Пчеларството го препорачаувам на сите, без разлика на возраста, доколку сакаме преку еден хуманистички пристап да ги заштитиме пчелите од исчезнување како вид, или доколку сакаме да престојуваме во природа, пчеларството е едно од можностите што нуди здрава активност, а бара посветеност и љубов. Пчеларењето допушта да го вдишуваш мирисот од прополисот, пчелниот восок, цветниот прав, умерени дози на пчелин отов при убоди, а при тоа произведуваш здрава храна. Порака до читателите: Доколку ви е потребен баланс и размислувате за хоби во животот, изберете го органското пчеларство. За почеток е доволно љубов кон овие вредни инсекти и три пчелни семејства.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот