Секој четврти пензионер има пензија помала од 12.800 денари

Пензионери/ Фото: МИА

Промена на формулата за усогласување на пензиите и поставување таргет за минимална пензија, предлага универзитетската професорка Јадранка Мршиќ.

Најниските пензии, во зависност од годината на пензионирањето, се движат од 9.986 до 12.800 денари, а нив ги земаат дури 80.809 пензионери, односно секој четврти пензионер. Зголемувањето на минималните пензии со јануарското индексирање со трошоците за живот од 2,9 проценти, на овие пензионери во просек ќе им донесе по 304 денари. Но, на оние со највисоката пензија од 57.992 денари (ги има 63 пензионери) ќе им донесе по 1.682 денари.

Пензионерите бурно реагираа на социјалните мрежи велејќи дека со пораст на пензиите за 300-400 денари, нема воопшто да им се подобри стандардот, дека живеат мизерно и дека е неопходно да се коригираат најниските пензии. И Партијата на пензионери во повеќе наврати потенцираше дека пензискиот стандард е многу низок и дека мора нешто да се преземе. Оттаму информираа дека се во преговори со Владата во врска со промената на формулата по која се врши усогласувањето на пензиите. Според сегашната регулатива, во јануари и во јули пензиите се коригираат со процентот на инфлација, а партијата бара тоа да биде и со порастот на плати. Исто така, оттаму посочија дека се во преговори во најскоро време да има и дополнително зголемување на пензиите, а такво ветување даде и премиерот Димитар Ковачевски.

Дали има лек за нискиот пензиски стандард, разговаравме со универзитетската професорка Јадранка Мршиќ, која исто така смета дека е неопходно да се промени формулата за усогласување на пензиите, но и да има постепени зголемувања само на најниските пензии.

– Ние ја имавме швајцарската формула на усогласување на пензиите, каде што 50 проценти се усогласуваа со растот на цените на мало и 50 проценти со растот на  просечната плата, но потоа сето тоа се смени и сега усогласувањето е само со растот на цените. Сметам дека е поправедно пензиите да растат и во корелација со просечната плата. Со усогласување на пензиите со инфлацијата, тие практично ништо не добиваат, само си ја повратуваат вредноста на пензијата што се намалила со растот на цените. Просечните плати и во пандемијата растеа со високи проценти, и ако пензиите не се усогласуваат и со платите, се обезвреднува она што на почетокот го оствариле пензионерите. Заменските стапки и така се намалуваат, да не се обезвреднуваат дополнително со методот на усогласување – вели Мршиќ.

Таа предлага да се постави одреден таргет за минимална пензија и така да има зголемување само на најниските пензии.

– Како што има таргет за минимална плата и како што административно се прави нејзино зголемување, така треба да има некаков таргет и за минималната пензија, на пример некоја процентуална корелација во однос со минималната плата – вели Мршиќ.

Таа објаснува дека сегашниот тренд во Европа на креаторите на долгорочните пензиски политики е свртување кон адекватноста на пензиите, за разлика од порано кога беа свртени кон одржливоста на пензискиот систем.

– Во време на пандемија можевме да видиме дека во други земји имаше и еднократна помош за пензионерите. Секако, тоа зависи од моќта на државата – вели Мршиќ.

Податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека во најлоша позиција се оние пензионери што правото на пензија го оствариле од 1997 година до 2002 година. Кај нив минималната пензија е 9.986 денари и неа ја земаат 3.185 пензионери. Минимална пензија кај оние што го оствариле правото од 1 јануари 2002 година е 10.487 денари и таква пензија имаат 42.993 пензионери, а најдобро поминуваат оние што се пензионирале до 31.12.1996 година, за нив минималецот е 12.222 денари и им следува на 6.778 пензионери.

ИНФОГРАФИК: За едни зголемување на пензијата за 289 денари, за други – 1.682 денари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот