Сеќавање на Денот на младоста: Како Југославија го прославуваше роденденот на Тито

Во поранешна Југославија, на денешен ден се прославуваше голем празник – Денот на младоста – 25 Мај и роденденот на претседателот Јосип Броз Тито, потсетува „Стил“.
Денот на младоста беше национален празник со многу приредби и завршна церемонија на стадионот на Југословенската народна армија (ЈНА) во Белград, каде на Тито му се врачуваше познатата Штафета на младоста. Таа претходно се пренесуваше низ целата Југославија, а тоа траеше со месеци. Последната церемонија додека Тито беше жив, се одржа во 1979 година.
Иако историчарите подоцна се согласија дека 7 мај е вистинскиот датум на раѓањето на Јосип Броз Тито, 25 мај и по неговата смрт беше одбележуван како негов роденден.
При предавањето на штафетата, Тито ја преземаше со пригоден краток говор, секогаш напоменувајќи дека таа претходно била носена од рацете на младинците од Триглав до Гевгелија.
Пренесувањето на штафетата секогаш започнуваше од различно место и од различна република, а таа секогаш беше масовно пречекана низ градовите во поранешна Југославија. Штафетата на младоста, по правило, ја предаваа најдобрите и најуспешните младинци, заедно со честитка со желби за долг живот и добро здравје.
Штафетата на младоста секоја година имаше поинаков дизајн, а во неа имало пораки од младината на Југославија, за „саканиот претседател“.

Носењето на штафетата се одржуваше цели 42 години, сѐ до 1987 година. По смртта на Тито, штафетата ја примале претседателите на тогашниот Сојуз на социјалистичка младина на Југославија.
Идејата за штафетата се родила во 1945 година, од младината во Крагуевац, чиј Оддел за спорт и фискултура осмисли масивни младински штафетни трки низ Југославија.
Првата штафета на Тито му ја врачил Мика Трипало, тогашен претседател на Централниот комитет на Народната младина на Југославија. Седум години по смртта на Тито, на последната прослава на Денот на младоста, Рајмонда Брочај му ја предаде штафетата на Хаим Реџепи, тогашниот претседател на Сојузот на социјалистичка младина на Југославија.
Денес, на 25 мај, илјадници луѓе и натаму го посетуваат гробот на Тито во Белград во „Куќата на цвеќето“, како и Музејот на историјата на Југославија.