Сеќавање на СТАНИСЛАВ ПЕТРОВ – човекот кој го СПАСИ СВЕТОТ од НУКЛЕАРНА ВОЈНА

Станислав Петров во 1999 година/ Фото: Профимедиа

Станислав Петров бил потполковник во Воздушните одбранбени сили на Советскиот Сојуз, и неговата работа била да го надгледува сателитскиот систем на неговата земја, кој следи можни напади со нуклеарно оружје од страна на Соединетите Американски Држави.

Тој работел ноќна смена во раните утрниски часови на 26. септември 1983 година, кога се огласил компјутерскиот аларам, кој индицирал дека САД истрелале пет нуклеарни интерконтинентални балистички ракети, објави „Ен-пи-ар“.

– Сирената почна да свири, но јас чекав неколку секунди, гледајќи кон големиот екран кој светеше црвено и на кој пишуваше „лансирај“ – изјавил Петров за Би-би-си во 2013 година.

Во тој момент, тензиите во Студената војна биле на највисоко можно ниво. На 1. септември таа година, Советскиот Сојуз срушиле корејски патнички авион кој залутал во нивниот воздушен простор, убивајќи 269 луѓе, вклучувајќи и еден американски конгесмен. Поради тоа, САД и Советскиот Сојуз започнале да разменуваат предупредувања и закани.

Петров морал да делува брзо. Американските нуклеарни ракети би можеле да пристигнат во Советскиот Сојуз за нешто повеќе од 20 минути.

– Немаше правило за тоа колку долго треба да размислуваме пред да го пријавиме нападот. Но, знаевме дека секоја секунда на двоумење одзема драгоцено време, време за кое војската и политичкиот врв мора да биде информиран без одолговлекување. Сѐ што требаше да направам е да ја кренам слушалката која е на директна линија со највисоките командири – но не можев да се движам. Се чувствував како да се седам на врело тавче- изјавил Петров за британскиот национален сервис.

Сепак, Петров почувствувал дека нешто не е во ред.

Тој бил обучен да очекува комплетен нуклеарен напад од САД, но изгледало чудно тоа што сателитскиот систем детектирал само неколку лансирани ракети. А, системот сам по себе бил релативно нов и затоа не му верувал целосно.

Експертот за оружје Џефри Луис во едно интервју се потсети на овој настан и даде свој коментар.

– Петров имал некое чувство дека целата ситуација не е во ред. На радарот имало пет ракети. Тоа не изгледало доволно. И покрај сите протоколи за кои бил обучен, тој апсолутно требало да го пријави настанот на неговите надредени, а ако го сторел тоа, ние сега ќе зборувавме за големата нуклеарна војна од 1983 година, секако доколку преживеевме – констатира Луис.

По неколку нервозни и тешки минути, Петров не го испратил компјутерското предупредување на неговите надредени. Тој го проверил компјутерот за дефекти, што излегло дека е вистинска претпоставка.

– Дваесет и три минути подоцна сфатив дека ништо не се случи. Доколку имаше вистински напад, веќе ќе знаев за него. Тоа беше вистинско олеснување – посочил Петров во 2013 година.

Овој настан и Кубанската ракетна криза од 1962 година се сметаат за настани во кои САД и Советскиот Сојуз биле најблиску до нуклеарна војна. И додека Кубанската ракетна криза и настаните околу неа се широко испитувани и истражувани, одлуката на Петров не предизвикало големо внимание во јавноста.

Петров починал на 19 мај, на 77-годишна возраст, во предградие на Москва, според информации објавени вчера. Бил во пензија и живеел сам. Веста за неговата смрт наводно не стигнала до светските медиуми во времето кога починал.

Карл Шумахер, германски политички активист кој ги често ја споменувал храбрата одлука на Петров во изминатите години, се обидел да го контактира за да му посака среќен роденден. Наместо тоа, тој стапил во контак со неговиот син, кој го обавестил дека неговиот татко починал во мај.

Неговата приказна не била објавена сѐ до падот на Советскиот Сојуз. Тој примил бројни меѓународни награди до крајот на неговиот живот, а во 2015 година е снимен и документарен филм со холивудскиот глумец Кевин Костнер, наречен „Човекот кој го спаси светот“.

И покрај многуте признанија, тој не се сметал себеси за херој.

– Тоа ми беше работа. Но, имаа среќа што јас бев ноќна смена таа вечер – кажал Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот