Сеќавање на Шарената револуција или денови на опасно сонување

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

По повод  јубилејот – пет години од „Шарената револуција“,  бев поканет од реномираната граѓанска организација „Цивил“ во својство на активист и колумнист да кажам мое сеќавање за случувањето, анегдотите, проблемите и за сите драматични моменти од тоа врме. Па, дозволете во оваа прилика да ги напишам генералните заклучоци кои останаа длабоко врежани во мојата свест.

Шарените беа контекст, политички феномен што настана во околности на апсолутна и перманентна власт една цела декада. Шарените се контекст, а не нешто кое можеш на копче да го вклучиш и исклучиш. Шарените беа светлина и производ на еден мрачен и насилнички режим. Шарените беа резонанса, ако сакате, на дивеењето на Груевски цела една декада; Шарената револуција за мене беше еден вид Француска буржоаска револуција или – шарените за мене беа еден вид револуција како од времето на народнослободнителната борба, и во двата случаи се покажа дека сиромашните го растурија системот што ги пљачкаше и тероризираше.

Груевски на опера

Имаше една интересна анегдота од тоа време која не сум ја кажал во овој „колумнистички столб“. Имено, мои далечни роднини од Гетеборг, Шведска, читале на интернет за Шарената револуција, се загрижиле и побарале, како што ми рекоа во тоа време, да видат што, по ѓаволите, се случува со мене и ме прашуваат дали сум станал терорист!? Одлучив, од чист инат, да ги ставам во текст, да им објаснам што, по ѓаволите правам, и дали сум станал терорист, и во неколку збора да ја објаснам десетгодишната „Сеопшта историја на бесчестието“. Треба уште да напишам дека десетгодишната приказна се одмотуваше како тоалетна хартија низ македонската „падина“.

Приказната оди вака. Не киднапира еден патолошки човек, па фати и ја откорна Македонија од темел. Се обиде да ја менува. Ги купи сите третолигашки новинари, овие пак, за само десет години, ги купија сите медиумски куќи претворајќи ги во фабричко-партиски гласила, па сега, кога материјално се обезбеди, Груевски се нурна во лична, односно духовна надградба. Час антидепресиви, час книги. Во последните денови и месеци од неговата политичка кариера, бившиот премиер, човекот што не киднапира, слушаше опера. Додека неговите олигарси, примитивци, уживаат во народњаци, војсководецот на фашистичката новинарска перјаница уживаше во опера. Ех, кога сите „негови“ би биле наклонети кон убава уметност; ех, кога би биле така космополитски настроени! Кога веќе не опљачка, упропасти и темелно осиромаши, човекот се префрли на апчиња и на опера.

Кратката проза за Груевски секако би нашла свое место во проширената, одново испишана „Сеопшта историја на бесчестието“ во Македонија. Заврши, имено, неговата амбиција за рушење, за тендери, бизниси, за гушење разни слободи, па, така, Груевски се префрли на читање. Како неговата глупост, здружена со неговата амбиција да не беше доволно страшна, па сатрапот на тоа додава и „наобразба“ која е, како и неговиот вредносно-политички именител – криминална.

Во интервју за пропагандниот „Курир“, Груевски  објаснуваше како ја удостоил „Берлинската опера“. Восхитен од древниот германски град, деперсонализиран од седативи, Груевски се идентификува со Кенеди и со неговите зборови: „Ich bin ein Berliner“. Ех, кога сите „негови“ би биле наклонети кон убавата уметност. Гледате? Тој не е само Берлинец, туку е и Виенец. Во Виена се наоѓа еден од неговите бројни станови. Неговиот апартман има убав поглед кон „Бечката државна опера“, така што, во ноќите на „голема несоница“, кога ќе го обземе интелектуален немир, Никола има „визуелен контакт“ со храмот на уметноста во кој фатално се вљубува, предавајќи му се целиот.

Ако некој ја втемели Македонската опера во светската, тоа ќе биде Никола Груевски. Нема да пројде долго време, продуховениот водач, а тоа ќе биде едно божикно утро пред зградата на Собранието, ќе ги доведе најголемите берлински пејачи за да ја изведат неговата најомилена опера, „Скопски Фауст“; во тоа ќе му помогнат некои од домашните книжевници. Заплетот, пак, ќе биде предвидлив: провинцискиот мафијаш склопува „Фаустовски договор“, станува повторно богат и славен. Го стигнува совеста, па се бори договорот да го раскине. Во Груевистичка верзија, тоа оди вака: станува повторно премиер на Република Македонија, па повторно го раскинува договорот, па повторно создава богатство и слава.

Паѓаат првите снегулки; зимата ја стега земјата, а душата пред убавината се топи. На сето тоа, па дури и за возвишените мелодии им доаѓа крај.

„Ете, тоа е култура, за тоа ви зборувам цело време“, триумфално извикува Груевски, додека уредниците се тркаат кој прв ќе му ја стегне рака која ги храни; поточно, кој на газдата ќе му упати поимпресивен комплимент. Сјајно! Феноменално! Убедливо! Шармантно! Генијално! – урлаат уредниците како чајник на шпорет во колибата од управникот на логорот.

„Не сте вие, шефе, за овој наш примитивизам. Вие сте за Берлин, за Виена. За Сиднеј“, вика некој од позадина. „Сиднеј“(!), се лупна по чело Груевски, и веќе следниот ден летна за Австралија затоа што да сакаш опера, а да не ја посетиш онаа сиднејската, тоа е исто како да створите материјална база, а да не ја оплемените со духовна надградба.

На кратката прозна приказна и се ближи крајот. Само уште еден детаљ.

Во првобитна акомулација на капиталот, што е, јасно, еуфемизам за сеопшта пљачка, да се збогатиш во груевистичко време значеше дека мора да си близок со фашистичкиот режим. Денешните фашисти, стратешки распоредени, истакнуваат како се збогатиле поради тоа што биле способни. Огромна лага: се збогатија затоа што беа привилегирани. Оттука и нивниот презир спрема идејата за еднаквост – затоа што на нееднаквоста и должат се што имаат. Идеологијата на груевистичкиот режим, од денешна перспектива гледано, не беше национализмот, ниту верскиот фанатизам, туку македонска верзија на неолиберализам, приказната за „успешните“.

Шарената како Француската револуција

Во Собранието усвојуваа планини од проекти, закони и одредби во кои Македонија требаше да ја направат толерантно општество за граѓани.  Груевистичката класа „мирно“ се трансформираа во успешни европејци. Сменија се за се да остане исто. Нивниот неолиберален социјален дарвинизам во основа беше – фашизам. Од идејата дека животот е натпревар произлегува идејата дека победникот зема се. Зади тоа, пак, излегува дека вишокот треба да се исчисти, што значи губитникот нема да земе ништо. Губитникот е вишок. Тоа понекогаш се нарекува кратење трошоци, понекогаш отпуштање вишок на работна сила, а понекогаш – етничко, верско или расно чистење.

Ако ги величиш способните, тоа значи дека ги величиш расните, националните или културно „супериорните“. Затоа дестгодишниот терор на груевизмот и приказните за „мнозинството“ над „малцинството“ природно и спонтано се трансформирааше во успех на „способните“ и „супериорните“. Груевистичката фашистичка идеологија е продолжение на фашизам со „други средства“. Груевистичката елита беше родена во фашистичко опкружување на почетокот од создавањето на балканските национални држави. Фашизмот, во оваа или во онаа форма, беше нивно природно опкружување. За одржување на фашизмот потребни им беа партнери, граѓани – кои тие ги опљачкаа – затоа груевизмот беше совршено злосторство.

Од друга страна, Шарената револуција за мене беше Француската буржоаска револуција на која почива цела денешна Европа, па дури и народноослободителната борба, која воедно беше и класен бунт, беше еден вид цивилизациски исчекор. Во двата случаи сиромашните го растурија системот што ги опљачка. Дали, пак, денес, после пет години, Шарената револуција од мене направи терорист?! Ало, Гетеборг, јави се!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот