Сеир со нозете во леген

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Годинава луѓето трипати размислуваат пред да се решат да потрошат пари за летување кога ни се заканува прескапа есен и зима. Во меѓувреме, ќе се забавуваат со згодите и незгодите во нашата држава, која може да е секаква, ама досадна сигурно не е.

Парк е природен, полуприроден или уреден простор со зелена површина на кој има дрвја, грмушки, трева, цвеќиња и други растенија, наменет за разонода, рекреација и за одмор на луѓето. Ова е една од дефинициите за тоа што претставува паркот, која, како што се уверивме, денеска кој како сака си ја толкува и ја применува. Па, така, Општина Кисела Вода пушти во употреба уреден простор што градоначалникот Орце Ѓорѓиевски си го нарече – нов модерен парк „Иднина“. Се наоѓа на шпицот каде што се разделуваат две улици кај Припор.

Проблем е само што во „паркот“ нема ниту едно дрво, ниту грмушки, само трева, плочки, клупи и детско игралиште. Летово ќе се користи само навечер затоа што преку ден некому може да му се „спржи главата“. Дрвјата ќе се саделе наесен. Значи овој простор, за чие пуштање во употреба се сечеше и лента (нели, не оди отворање ваков „капитален проект“ без црвена лента) е само парк во најава. Кога ќе „порасне“ (ако навистина се случи садењето дрвја) може евентуално да стане паркче. Ама парк – многу тешко.

Секако, за почит и за поздравување е одлуката дивата депонија, која со години постоеше на ова место, да се претвори во убаво уреден простор за дружење на луѓето и за игра на децата и така треба да се продолжи и во иднина. Но, расфрлањето со зборови какви што се капитален проект, парк… е навистина премногу, па и колку да се сака да се покаже дека се работело со „полна пареа“.

Со полна пареа летово ќе работи и првата дама на Скопје, градоначалничката Данела Арсовска. Ете, таа категорично кажа дека ќе се откаже од одморот и ќе му се посвети на градот. Време беше. Најави еден куп обврски што треба да се сработат до крајот на август – ќе се градат, реконструираат и ќе се асфалтираат улици и булевари, фекална и атмосферска канализација, нови зелени површини. Проекти, проекти, проекти. А не како досега градот што бил оставен без проекти!

За разлика од Данела, која ќе си има работа во периодот што претстои, голем дел од граѓаните исто така нема да заминат на одмор и ќе се кријат од скопските жештини во своите домови, барајќи освежување под туш или со нозете во леген наместо во морска или во езерска вода. Тие, сакале или не, ќе мора да му се „посветат“ на градот поради економските неприлики што нѐ снајдоа. Годинава луѓето трипати размислуваат пред да се решат да потрошат пари за летување кога ни се заканува прескапа есен и зима. Во меѓувреме, ќе се забавуваат со згодите и со незгодите во нашата држава, која може да е секаква, ама здодевна сигурно не е.

Ете, на пример, може да гледаат слики од градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски на плажа и да погодуваат дали бил во камп или во хотел, дали автомобилот му бил службен или приватен, дали бил стар или нов. Или, пак, да се задоволни колку ни е спремна полицијата и како со брза интервенција на меѓународната автобуска станица во заборавена торба наместо бомба открија облека. Ама битно е дека си повежбаа малку. Или да слушнат со какви навреди и пцости се соочуваат новинарите додека си ја работат работата, од луѓе на кои им се дозволува да бидат над сѐ.

Во краен случај, можат раат, под клима, да си се напијат кафе со семејството или со пријателите. И потоа полека, како што си е редот, да си ги приберат шолјите во лавабо за миење. Фрлање со шолји никако, па и доколку некој е со „краток фитиљ“! Не заборавајте, вие не сте пратеници, па да ви се прогледа низ прсти!

Видео на денот