СЕХА: Вардар со млади сили декласиран во Хрватска

фото: seha-liga

Македонскиот шампион на последниот натпревар за 2019. година од клупата не го водеше Едуард Кокшаров, туку Стојан Петрушевски предводник на Вардар Јуниор. Токму младите Вардарци од тој тим добија шанса да настапат за првата екипа и не се прославија баш најдобро, односно загубија убедливо на гостувањето во Хрватска кај Нексе со 42:26.

На почетокот од средбата „црвено-црните“ поведоа со 0:1 преку Карапалевски, потоа и со 1:2 преку Кукуловски. Противникто успеа да израмни на 2:2, потоа неколку пати имаше резултатска симетрија до резултат 5:5 во 10. минута кога за Вардарци погоди пикерот Стефан Атанасовски.

Домаќинот со два врзани гола се одвои на 7:5, предност која ја чуваше до пред крајот на првиот дел. Кога на семафорот стоеше 14:12 за Нексе, младите вардарци се бореа одлично. Пред паузата хрватскиот претставник поведе со 18:14, резултат со кој замина на одмор.

Вториот дел започна со доминација на домаќинот кој почна да ја зголемува предноста. Нексе тргна со серија 6:0 па стекна двоцифрена разлика, имаше 24:14 во 37. минута од овој дуел. Петрушевски веднаш повика минута одмор со цел да ја прекине серијата на ривалот, првиот гол во вториот дел Вардар го постигна во 39.минута, стрелаше Јанковски после асистенцијата на Ќосевски.

Tочно на средината на вториот дел беше „13 плус“ за Хрватите (29:16) и тука беше крајот на сите надежи за евентуален позитивен резултат на играчите на Петрушевски.

Кукуловски за Вардар имаше седум голови, додека Карапалевски и Ќосевски имаа по четири. Голманите имаа слаба партија, Кизиќ (0/7), Гогов (2/31) и Анѓеловски (1/7). На спротивната страна Томиќ имаше осум погодоци.

Уште пред оваа средба Вардар го обезбеди првото место во групата „А“ и директно се пласираше во четвртфиналето на регионалното натпреварување, а таму ќе игра со подобриот од Еурофарм Работник-Нексе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот