Сега сите се педери?

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Ја слушав и јас повеќе пати изјавата на Премиерот Заев и сеуште не ми е јасно кога говори каде го става акцентот, од што произлегува и мојата дилема на што мислел кога вели неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер. Дали мисли на НЕКОЛКУ криминалци, на ЕДЕН суетен новинар и на ЕДЕН педер, или на неколку КРИМИНАЛЦИ, еден СУЕТЕН новинар и на еден ПЕДЕР. Мислите нема разлика? Можеби нема, можеби има.

Но добро. Што рекол, рекол. Тоа си е негово. Премиерот може да си биде таков каков што е, тое е негово право и негов избор на комуникација со јавноста. Секој државник е свој и секој има свои особености. Затоа и јавноста го прифаќа или не го прифаќа. Еден единствен стеротип не постои по кој ние сакаме да ги препознаваме политичарите. Американскиот претседател Трамп знае да „лупа“ многу често и затоа е предмет на критика од некои медиуми, но тој не се менува. Путин е ладен ко Сибир, Меркел е крута ко официр, Макрон француски швалер, но директен. Од домашните секој по нешто карактеристичен: Љубчо го препознававме по „Јас реков и пак ќе речам..нели…“, Груевски духовит само за себе ко боксер, дека брзо вози точак и слуша техно, Бранко беше скопски фраер што игра баскет у маало и добро се снаоѓа у кафиќи, Борис беше народски непосреден па сите го викаа Борче, Заев за себе вели бил црпнат од нива и не може да се воздржи да не каже.

Сите имаа ПР служба и никој не ги слушаше нејзините совети. Затоа македонските политичари постојано се доискажуваат зашто ете „биле погрешно разбрани“. Но тоа е нивен проблем, зошто би бил наш. Зошто сите ние, а особено новинарите сакаме да им бидеме портпароли, да ги учиме како да зборуваат. Тие и не се толку наивни да не знаат што зборат. Верувам дека и Заев не се истрчал туку така.

Зато и не сакам да се занимавам со него. Ниту да го бранам ниту да го напаѓам.

Мене секогаш повеќе ме преокупира јавноста и нејзината дволичност во  реакциите околу некои работи.

Прво за изјавата „неколку криминалци“ не реагираше никој. Веројатно затоа што не постои такво здружение што ги штити криминалците. Барем не засега.

За суетниот новинар реагираше прво самиот новинар! Иако не знам како се препозна под синтагмата „суетен“. Има многу суетни новинари. А зошто изјавата да не се однесуваше на италијанскиот новинар Гесер. И тој е суетен и тој пишуваше текстови за аферата „Рекет“, објавуваше аудио и видео снимки од „чинот“ на корупцијата, и на крајот отворено се залага за паѓање на оваа влада на Заев. Колку што знам Геро такво нешто така апла не рекол.

Но ете нашата јавност веднаш се согласи со самиот Геро дека тој е суетниот новинар и веднаш застанаа во негова одбрана и заштита. А збор не прозбореле за десетици други случаи на навредени новинари, за мобинг, за малите плати, за дискриминацијата на младите новинарки кои не смеат да одат на трудничко за да не ги отпуштат од работа збеснатите газди на медиуми, за политичките притисоци некогаш и сега. Не, СЕГА е време тие да се покажат на браникот на заштитата на слободата на искажаниот збор и е време они да си напишат едно „убаво“ соопштение. И толку. Си ја измиле својата совест. Не оти многу го сакаат Геро.

За педерите, што да кажам. Не сум знаел дека и во ВМРО-ДПМНЕ имало педери. Конечно храбро признаа. Тое е за почит. Само не знам зошто кога биле такви, дури беа на власт не носеа закон за заштита на ЛГБТ заедницата, и зошто ги напаѓаа и им ги рушеа канцелариите. Тие мазохисти ли се!

И пак истата дволичност. Не се бунат „педерите“, се бунат активистите. Брее! Па да, веројатно тие на нив добро заработуваат. Веројатно ги има повеќе од оние кои треба да ги штитат.

И ќе се согласам дека треба да се штитат сите малцински заедници во Македонија и да нема говор на омраза. Би сакал да има толку силни реакции кога на графитите е испишано „Уа Шиптари“, „Смрт за Шиптарите“ , или „Ѓаури ова е Албанија“,

На крајот за зборот „педер“. Сега е модерно да се чуствуваат навредено припадниците на ЛГБТ кои за себе мислат дека се со одредена сексуална ориентација. Но пошироката заедница мора еднаш да дознае како да ве нарекува, а да не ве навреди. Зборот педер не е измислен тука во Македонија. Тоа е грчки збор кој потекнува од paiderastes што означува полова склоност кон иста пол или поточно на возрасен маж кон адолесцент. Како на македонски ќе ја преведете кратенката ЛГБТ. „Г“ е геј. Зошто тоа не е навредливо, а педер е? Сите во Македонија не знаат англиски. Дека тоа значело лезбијан, геј, бисекшуал, анд трансџендер!!!!!

Во слободна употреба е зборот педерастија, но не и педер.

Чудно, нели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот