Сега јасна поддршка, во декември преговори за членство, очекува премиерот Заев од Самитот во Словенија

Средба меѓу еврокомесарот Вархеји и премиерот Заев / 29 септември 2021 / фото: Твитер/Оливер Вархеји

Премиерот повтори дека на денешниот самит во Брдо не може да се донесе одлука за почеток на преговорите со ЕУ, но може да се испрати чиста, прецизна и фер порака кон земјите во регионот.

Иако не е одлучувачки состанок на кој може да се почнат преговорите, сепак Македонија и регионот од денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија, очекуваат јасни пораки дека Унијата ги сака во своите граници. Премиерот Зоран Заев и вчера повтори дека колку е почиста, попрецизна и пофер пораката кон земјите од Западен Балкан, толку дополнително тоа ќе значи мотивација сите заедно да продолжат да работат на европскиот пат, односно на реформите и интегрирањето.

Заев рече дека е оптимист, а тоа го поткрепува со чекори и одлуки што, како најважно, ќе го заштитат нашиот идентитет, но ќе доведат и до изнаоѓање решение за спорот со Бугарија.

– Сакам да потврдам дека утре рано со работен појадок почнувам состанок со комесарот Вархељи, со премиерот на Словенија како земја претседавач со Европскиот совет и со претседателот Румен Радев. Веднаш потоа ќе имам состанок со канцеларката Меркел, со претседателот Макрон и со претседателот Радев. Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на Северна Македонија конечно да го направи чекорот што толку долго го очекува – рече вчера Заев.

Тој потсети дека ова е самит за поддршка на Западен Балкан со заклучоци што јасно треба да испратат порака дека ЕУ останува насочена и фокусирана кон проширувањето, односно кон мотивацијата на регионот да продолжи со реформите на мериторен начин, комплетно во согласност со новата методологија за проширување, а според тоа и Европа да ги испорачува наградите што треба да следуваат со исполнувањето на сите услови.

– Очекувам чисти пораки дека Европа останува комплетно фокусирана кон интеграциите на Западен Балкан со сите детали внатре, како успеваат реформите, како чекориме напред, како се исполнети условите, така да продолжиме. Очекувам ЕУ до крајот на годината да го испорача следниот чекор, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција – рече премиерот.

На Самитот денеска се очекува во завршната декларација да биде спомената поддршката на ЕУ за проширувањето, но неизвесно е дали таа ќе биде недвосмислена. Како што објави МИА, според дипломатски извори од Брисел, во декларацијата ќе пишува дека Унијата ја реафирмира поддршката за регионот и има капацитет да прими нови членки. Според дипломатите, вратата за членство во ЕУ не може да се каже дека е затворена, но кога е во прашање проширувањето, тоа е сложен процес и има многубројни предизвици, а важни се и мерит-системот и реформите, особено во борбата против корупцијата и криминалот и владеењето на правото. Минатата недела, пак, Ројтерс објави дека одредени земји членки не сакале во завршната декларација од самитот да им се гарантира сигурна интеграција на шесте земји од регионот во ЕУ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи завчера во Берлин добил силна поддршка од германскиот сојузен министер за надворешни работи Хајко Мас и од министерот за Европа Михаел Рот, кои разговарале за денешниот самитот, како и за надминувањето на разликите со Бугарија.

– Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ – рече Османи.

Од МНР соопштија дека средбата со Рот е искористена да се реафирмира германската позиција за нашето европско досие, за актуелностите во регионот и за следните чекори и реформи. Министерот Мас на средбата со Османи, пак, истакнал дека е крајно време ЕУ да ја спроведе консензуалната одлука од март 2020 година и да започне пристапни преговори со Репиблика Северна Македонија и со Албанија.

– Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор-сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија наскоро. Сакам да подвлечам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција и по формирање на новата влада – порача министерот Мас.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на Економскиот форум во Белград рече дека ако ЕУ не може да ги приближи работите кон подобро на Балканот, нема да може на направи ништо никаде, ни во Сирија, ниту во односите со други држави, бидејќи овде кај нас го има најголемото влијание и географски и политички и економски и секакво. Димитров е убеден дека немањето ангажман или оставањето на Балканот настрана, ќе чини многу повеќе отколку неговата европеизација.

– Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите, ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и од Загреб со кои се реафирмираше европската перспектива – рече Димитров потсетувајќи на претходните слични самити посветени на регионот.

Од друга страна, бугарскиот претседател Радев во телефонски разговор со германскиот колега Франк-Валтер Штајнмаер рекол дека Бугарија во својот дијалог со Република Северна Македонија „ги брани не само националните интереси, туку пред сè вредностите на ЕУ, што се темелат на демократија и почитување на човековите права“.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, завчера во телефонски разговор со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен изразил поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Минатиот декември Бугарија стави вето на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, а заради планот двете земји да напредуваат заедно, и Албанија остана заглавена на пат кон ЕУ. Оттогаш лидерите во регионот сè повеќе ја користат реториката дека тие завршиле сè и дека сега е време ЕУ да испорача, а Македонија, Србија и Албанија го формираа и економскиот сојуз за соработка „Отворен Балкан“.

На ЕУ ѝ е потребна нова стратегија, а на Западен Балкан пари

На ЕУ ѝ е потребна нова стратегија за Западен Балкан, нагласуваат од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Нивното соопштение е објавено во пресрет на денешниот состанок на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан, каде што се очекува најава за економски и инвестициски план во вредност од девет милијарди евра, што треба да обезбеди приватни инвестиции од околу 30 милијарди евра.

– Тоа е оптимистички. Ветениот економски пакет малку ќе промени во економската ситуација на Западен Балкан – изјави заменикот-директор на Виенскиот институт Ричард Гривесон.
Тој додава и дека се потребни дополнителни пари и план за екологизација и дигитализација на балканските економии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот