Сега е време за сочувство, не за партиско „лешинарење“

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

За какво незнаење, утрото по ноќта на пожарот, на „првичните индиции“ и „бројот на жртви“ говори опозицијата?! Би било крајно несериозно и неодговорно од државата за тоа официјално да се излегува во јавноста без точното утврдување на тие податоци, иако и ние, новинарите, и нашите медиуми се „бориме“ за секој детаљ повеќе (макар и со добро втемелени шпекулации!) што може да „осветли“ некој аспект од настанот, „заслепени“ од силината на огнот на местото на настанот.

Трагедијата со тетовската ковид-болница повторно на површина го вади најлошото од партиско-политичката понуда во државава. Уште пепелта во Тетово не е изладена, а македонската опозиција го вклучи пропагандниот апарат за ширење шпекулации, обвинувања, прозивки, притисоци и барање одговорност! Замислете, во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, издадено 12 часа по несреќата, се вели дека „не се знаат првичните индиции, ниту пак бројот на жртви“, а Заев и Филипче „се криеле“ од јавноста…

За овој вид трагедии, секоја сериозна држава се однесува токму онака како што тоа го направи оваа власт до 12-тиот час од несреќата: во Тетово, уште пожарот и неизгасен, на местото на настанот се „нацрта“ половина Влада, на чело со Заев и Филипче; до полноќ веќе беше формиран Кризен штаб за одговор на трагедијата; градоначалничката Арифи даде коректна изјава за медиумите дека вечерта нема да има никакви официјални изјави за деталите од трагедијата (бидејќи тие, во тој момент, и не се знаеја!) и дека за тоа се задолжени надлежните институции (Обвинителство итн.) кои ја водат истрагата; и прозваните Заев и Филипче уште вечерта, со одбрани зборови, изразија јавно сочувство и оцени за димензиите на трагедијата; следното утро Владата и Советот на Град Тетово одржаа вонредни и итни седници, од кои следуваа соодветни соопштенија…

Ноќта на инцидентот во Тетово и самиот бев сведок на ужасните димензии на трагедијата: ковид-болницата пеплосана до темел, иако противпожарните служби реагирале за рекордни 3,5 минути по првиот добиен повик за пожарот, што го изгаснаа за 40-ина минути по избувнувањето. Помош испратила и Противпожарната бригада од Скопје, иако тетовските пожарникари сами се справиле со големиот предизвик. Многубројни амбулантни возила цела ноќ на линија Тетово – Скопје ги транспортираа телата на загинатите за обдукции во Скопје, бидејќи сите спасени од пожарот беа згрижени во тетовската болница… Морничаво.

За какво незнаење, утрото по ноќта на пожарот, на „првичните индиции“ и „бројот на жртви“ говори опозицијата?! Би било крајно несериозно и неодговорно од државата за тоа официјално да се излегува во јавноста без точното утврдување на тие податоци, иако и ние, новинарите, и нашите медиуми се „бориме“ за секој детаљ повеќе (макар и со добро втемелени шпекулации!) што може да „осветли“ некој аспект од настанот, „заслепени“ од силината на огнот на местото на настанот. Впрочем, додека го пишувам овој текст, излегуваат уточнетите официјални бројки на загинатите, а за втемелени индиции за пожарот ќе мора да причекаме, бидејќи државата не е „социјален медиум“ за да поттикнува или да реагира и на сите налудничави претпоставки и глупости што се „тркалаат“ на Фејсбук и на Твитер.

Проектот за константно поткопување на кредибилитетот на државата од страна на овие кои, аматерски, во Битола направија дури и паралелна прослава на 30-годишниот јубилеј од 8 Септември – белки за да може и Мицкоски некаде да одржи говор – изгледа особено дегутантно, кога се вакви трагедии во прашање. Сите сме заинтересирани да дознаеме што точно се случило, а за одговорноста – кој, кога, што, зошто – дополнително ќе се расправа и во јавноста и меѓу партиите и во самата власт. Тогаш, ако има причини за тоа, се очекува од опозицијата да повикува на оставки и морално-политички или кривични реперкусии. Тоа им е, тогаш, работа.

Ова, вака како што го прават – се извинувам – наликува на партиско „лешинарење“, во јавноста ја поттикнува атмосферата на „судијата за бесење Рој Бин“ од Дивиот Запад, кој шета наоколу со ортома на рамо и бара дрво на кое ќе оптегне некој дежурен „Педро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот